Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо пред големиот број присутни гости имаше пофалби за настапите на кинеските ракометарки на јуниорското Светско првенство, чиј домаќин е Скопје, нагласувајќи го и поврзувањето на двете земји преку спортот.
Гостите од Кина се заблагодарија на поддршката од страна на кинеската амбасада во земјава, а имаа убави зборови и за Македонија како домаќин на ракометниот мундијал
Амбасадата на НР Кина неделава организираше прием за младите кинески ракометарки во Скопје
Улогата на спортот како платформа за здружување, промовирање и размена на различни култури беше истакната на приемот во чест на женската јуниорска репрезентација на Кина за ракометарки до 20 години, организиран од кинеската амбасада во Македонија, за развој на спортската размена и односите помеѓу Народна Република Кина и Македонија. Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо пред големиот број присутни гости имаше пофалби за настапите на кинеските ракометарки на јуниорското Светско првенство (СП), чиј домаќин е Скопје, нагласувајќи го и поврзувањето на двете земји преку спортот.
– Спортот е важна платформа, која ги надминува културните разлики. Вие сте тука, се собравте поради пријателството и истото тоа го подобрувате. Спортот обезбедува можности за комуникација и дијалог за различни цивилизации во светот, собира позитивни сили за продлабочување на размената и меѓусебното учење, а исто така е важна врска за елиминирање на недоразбирањата, ослободувањето на добрата волја и подобрувањето на односите. Спортот е ефикасен начин заедно да се создаде подобар свет и тесно го поврзува човештвото со својот уникатен шарм. Кина беше домаќин на Летните олимписки игри во 2008 година и на Зимските олимписки игри во 2022 година. Вековната историја на олимписките игри се одвива речиси синхронизирано со вековниот однос на подмладување на Кина и сведок е на развојот и промените во односот на Кина со светот во модерното време. Подготвени сме да се здружиме со пријателите од сите земји, вклучувајќи и со С. Македонија, за да одговориме на глобалните предизвици со обединет став, заеднички да ја промовираме каузата за човечкиот напредок и да промовираме градење заедница со заедничка иднина за човештвото – кажа, меѓу другото, амбасадорот Џанг Ѕуо, додавајќи дека кинеските ракометарки со учеството на СП дале позитивен придонес во промовирањето на размената меѓу народите на Кина и Македонија.
Гостите од Кина се заблагодарија на поддршката од страна на кинеската амбасада, а имаа убави зборови и за Македонија како домаќин на ракометниот мундијал. Кина ќе го памети учеството на Светско првенство што се игра во Скопје по најдобриот резултат на нејзината јуниорска селекција во изминатите 19 години, што беше посочено и од членовите на стручниот штаб на азиската селекција.
– Нема да заборавиме дека го постигнавме овој резултат токму во Македонија, во оваа прекрасна земја. Сакаме да развиеме и поголема размена и комуникација преку спортот – истакна шефот на кинеската репрезентативна делегација, додека селекторката на кинеската селекција, Црногорката Сузана Лазовиќ, рече: „Среќна сум што пишуваме историја во Македонија, која исто како Црна Гора е држава со големо срце“.
Репрезентацијата на Кина за ракометарки до 20 години, како и Македонија, се пласира меѓу најдобрите 16 селекции на Светското првенство во Скопје. На свеченоста одржана во средата во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, покрај кинеските ракометарки, присуствуваа и повеќемина млади спортисти и спортски работници од Македонија, кои добија можност да се дружат, да разменат искуства и да вкусат специјалитети од кинеската кујна. М.Ж.