26148Уште еден ден, уште двајца млади фудбалери зазедоа централно место на Европското првенство (ЕП) во Германија, Арда Ѓулер постигна гол што е кандидат за погодок на турнирот, во победата на Турција на дуелот со Грузија, со 3-1, а неколку часа подоцна 21-годишниот Франциско Консеисао постигна гол 111 секунди по влегувањето во игра, за победа на Португалија на мечот со Чешка, со 2-1, пишува „Би-би-си“.
Ѓулер (19), кој ја заврши сезоната со пет гола во пет првенствени натпревари за Реал Мадрид, првакот на Шпанија, стана третиот тинејџер што постигнал гол на својот прв настап на ЕП, по Ференц Бене за Унгарија против Шпанија во 1964 година и Кристијано Роналдо за Португалија против Грција во 2004 година, а тој е и најмладиот фудбалер што постигнал погодок на своето деби на европските првенства, пишува „Би-би-си“.
Во вториот меч од групата Ф, играчот на Порто, Консеисао, го продолжи трендот на импресионирање од младите играчи на ЕП 2024, а други млади ѕвезди досега на годинашниот шампионат се, на пример, Џамал Мусиала (21, Германија, офанзивец на Баерн), Флоријан Вирц (21, Германија, напаѓач на Баер), Ламине Јамал (16, Шпанија, фудбалер на Барселона), Џуд Белингем (20, Англија, игра за Реал Мадрид), пишува „Би-би-си“. Мусиала е најмладиот германски репрезентативец на големо натпреварување, кога настапи на ЕП во 2021 година, пишува „Скај спорт“. Вирц е најмлад стрелец за Германија на ЕП, Јамал е најмладиот фудбалер што настапил на европските првенства, а Белингем е првиот европски фудбалер што настапил на три големи меѓународни турнири пред да наполни 21 година, пишува „Би-би-си“. Н.М.