Ако нашата цел е да доживееме сто години, добрата вест е дека тоа, секако, можеме да го постигнеме ако водиме здрав начин на живот. Затоа, за постигнување на оваа цел, потребна е посветеност на низа навики што имаат корист за нашето физичко и ментално здравје. Освен тоа, многу од нив се работи што можеме да ги правиме секој ден.
Лекарот за интерна медицина Алекс Фоксман, диететичарката Кејтилин Меидмент и експертот за нега и образование за дијабетес и нутриционист Шери Бергер открија три едноставни навики што придонесуваат за долговечност.
1. Дајте ѝ предност на храната од растително потекло
Веројатно веќе знаеме дека нашата исхрана игра клучна улога во нашето целокупно здравје. Затоа, Бергер вели дека следењето претежно растителна исхрана е добра идеја за многу луѓе што сакаат да живеат долг и здрав живот.
– Изборот на претежно растителна исхрана е една од најдобрите работи што можете да ги правите за подолг живот. Луѓето што живеат во сините зони, како што се Окинава во Јапонија, Икара во Грција и Лома Линда во Калифорнија, избираат диета што вклучува претежно овошје, зеленчук, цели зрна и мешунки и многу малку месо, шеќер, млечни производи и преработена храна – изјави таа.
2. Најдете време за социјални интеракции
Таа забележува дека, заедно со здравата исхрана, еден од најважните фактори за долговечноста е социјалната поврзаност. Дополнително, студијата на научниците од „Харвард“ откри дека тоа всушност може да биде најважниот фактор. Оваа студија започнала во 1938 година и ги следела навиките на учесниците во период од 85 години. Луѓето што се грижеле за своето здравје, редовно вежбале и добро се хранеле, живееле во просек десет години подолго од оние што не го правеле тоа.
– Најважно е дека луѓето што останале здрави и живееле најдолго биле оние што имале „најтопли односи“ и врски со другите луѓе – се вели во студијата.
Така, социјалната поврзаност може да го намали стресот со зголемување на нивото на окситоцин, што може да го забави процесот на стареење и да го намали ризикот од болести. Затоа, исклучително е важно да одвоите време за поминување со саканите и да се обидете да најдете начин да ја вклопите социјалната интеракција во секојдневниот живот, ако е можно.
3. Вежбајте
Сигурно не е тајна дека вежбањето е важно за здравјето. Според Фоксман, одвојувањето време за вежбање секој ден е една од најдобрите работи што можеме да ги направиме ако сакаме да доживееме 100 години. Оваа навика може значително да придонесе за подолг и поздрав живот, тврди докторката.
Тој додава дека секојдневното вежбање може да придонесе за здравјето на срцето.
– Редовното вежбање го зајакнува срцето и ја подобрува циркулацијата, намалувајќи го ризикот од срцеви заболувања, водечка причина за смрт во светот – вели Фоксман.
Дури и кратки периоди на физичка активност може да имаат значително влијание врз здравјето. Но, освен физичките придобивки, вежбањето е одлично и за нашиот мозок.
– Познато е дека вежбањето ги намалува симптомите на депресија и анксиозност. Физичката активност стимулира различни хемикалии во мозокот, кои можат да направат да се чувствувате посреќни и порелаксирани, подобрувајќи го целокупното ментално здравје. Тоа е исто така клучен фактор за спречување хронични болести – заклучува Фоксман.