Градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население во северно Косово денеска поднесоа оставки во знак на протест поради воведувањето такса од 100 отсто на производите од Србија и поради минатонеделните апсења во Северна Митровица.
Оставките на градоначалниците на Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан, во изјава за медиумите, ги потврди градоначалникот на Северна Митровица и лидер на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), Горан Ракиќ на седницата на општинскиот Совет, јави КосоваПрес.
Четворицата градоначалници оставките ги поднесоа на вонредните седници на општинските совети, на кои се разгледува политичката и безбедносната ситуација во местата со мнозинско српско население по одлуката на владата во Приштина за таксите за производите од Србија и Босна и Херцеговина.
Советниците на споменатите четири општини на овие седници потпишаа резолуција со која, до укинувањето на одлуката за таксите, ја прекинуваат комуникацијата со Приштина.
Поради, како што оценува СЛ, сѐ потешката состојба на српското население по одлуката на Владата на Рамуш Харадинај, оваа партија денеска организира протест, кој ќе се одржи на пладне во северна Митровица.