Кога ја презедов селекторската функција во јануари, го направив тоа со јасна цел, да се борам за место на СП 2026, вели Донига во интервју за ФИФА
ФУДБАЛ – ДАВИД ДОНИГА, СЕЛЕКТОР НА ЕЛ САЛВАДОР
Давид Донига (42) е решен да ја води репрезентацијата на Ел Салвадор на Светското првенство (СП) во фудбал во 2026 година. Доколку биде успешен, тоа ќе биде трет настап на централноамериканците, по мундијалите во 1970 и во 1982. Второто коло од квалификациите за КОНКАКАФ почнуваат наскоро, а Ел Салвадор е во група со Порторико, Суринам, Сент Винсент и Гренадини и Ангвила. Примарната цел на шпанскиот селектор, кој во јануари ја презеде репрезентацијата, е да заврши меѓу првите две селекции и да се пласира во третото коло. Неговите севкупни амбиции, сепак, се поголеми.
– Кога ја презедов функцијата во јануари, го направив тоа со јасна цел, да се борам за место на СП 2026 година. Тоа значи дека месецов треба да започнеме успешно во првите два меча, за да се пласираме во втората рунда следната година, кога ги играме другите два меча во групата. Нашиот фокус е цврсто кон СП, на чекорите што треба да ги преземеме за да стигнеме таму – вели Донига во интервју за Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Многу набљудувачи ја сметаат оваа квалификациска кампања полесна поради отсуството на моќниците на КОНКАКАФ и кодомаќините Канада, Мексико и САД, односно дека нуди можност за традиционално помалите нации, да ја зголемат конкуренција за трите директни места што водат на СП.
– Ќе ги искористиме максимално нашите шанси, гледајќи на секој дуел како можност да го направиме следниот чекор и да напредуваме – вели Донига.
Донига има големо тренерско искуство, стекнато во Шпанија, Грција, Кувајт, Панама и во Еквадор, пред да пристигне во Ел Салвадор.
– Откако престанав да играм во третата лига во Шпанија и не го достигнав врвното ниво, решив да се обидам како тренер. По годините на саморазвивање во различни улоги го направив скокот во шпанскиот врв како помошник-тренер во Депортиво ла Коруња во 2015 година. И оттаму, напорната работа и добрите резултати доведоа до неколку слични позиции во тимови од висок профил, како што се Олимпијакос, Реал Бетис, Малага и претставник на Панама. Идејата беше да продолжам да ги развивам моите тренерски вештини и на тој начин завршив со работа во осум различни земји – коментира Донига.
Првата пречка на Ел Салвадор е дуелот со Порторико на домашен терен.
– Ќе бидеме конкурентни, тоа е сигурно. Ние прецизно се подготвуваме за секоја играчка ситуација што може да се појави за да можеме соодветно да се адаптираме, без разлика со кого играме. Кога ќе ги споиме информациите што ги имаме за нашиот противник, работата што извршуваме со играчите и цврстиот тим што го формиравме, навивачите на Салвадор ќе чувствуваат огромна гордост за она што го гледаат на теренот – оптимист е Донига.
Од времето кога работеше како помошник на Томас Кристијансен во Панама, Донига веќе е запознаен со атмосферата на двата терена избрани за домаќини на дуелите за време на СП, стадионот во Торонто и култниот „Ацтека“ во Мексико Сити, каде што Бразил со Пеле го крена пехарот во 1970.
– Беше неверојатно да можам да тренирам и да играм на еден од стадионите што ми оставија некои од моите најрани фудбалски спомени. Сликите од СП 1986 се засекогаш вкоренети во мојот ум и остварување на сонот да учествувам на натпреварување, кое како момче од пет години првпат го гледав со татко ми. Се надевам и посакувам да доживеам уште магични мечеви на стадионот „Ацтека“, но овој пат со „Ла Селекта“ – се присетува Донига.
А колку пати Шпанецот сонуваше да се пласира на СП?
– Откако ги направив првите неколку чекори со топката дома, во паркот или на училиште, фудбалот отсекогаш беше голем дел од мојот живот. И во тие детски соништа, играњето на СП ми беше врв – искрен е Донига. Г.И.