Една од главните цели на клубот е да им дадеме избор на девојчињата што уште од најмала возраст ќе го изберат фудбалот како спорт. Со тоа помагаме во борбата за еднаквост и сите заедно придонесуваме со своја трага во рушењето на стереотипот, во и надвор од Македонија, дека фудбалот е спорт само за момчиња, вели Трпевска

ЏИ-ЏИ, ЖЕНСКИ ФУДБАЛСКИ КЛУБ ОД СКОПЈЕ

Женскиот фудбалски клуб ЏИ-ЏИ од Скопје е формиран на 27 јуни 2016 година, а го води неговата претседателка Снежана Трпевска, прва жена дипломирана тренерка по фудбал во Македонија со А-диплома на УЕФА и завршен УЕФА-семинар на Фарските Острови. По основањето, клубот пријави екипа во развојни турнири за девојчиња, односно проект на ФИФА (генерација 2002/2003 и 2004/2005/2006), а ги организираше ФФМ во сезоните 2016/2017 и 2017/2018. На 8 март 2017, клубот заедно со другите клубови од другите градови во женската Регионална младинска и кадетска лига при ФФМ, од Светската фудбалска федерација (ФИФА), доби поддршка во донација на опрема (дресови, копачки, костобрани, чорапи, маркери и топки) од брендот „Адидас“. Во сезоната 2017/2018, клубот како дебитант се пласираше во полуфиналето на развојните турнири во Регионалната младинска лига за девојчиња (генерација 2002/2003), кои се одржаа на стадионот „Петар Милошевски“ во Скопје.
– Од 2018 година клубот официјално се натпреварува во женската Младинска лига при ФФМ (генерација 2003/2004) и е првата женска екипа што се приклучи во Детската лига при ФФМ (генерација 2008), во конкуренција со машки екипи. Тоа се покажа како добра стратегија на клубот, оти од таму произлегоа неколку репрезентативки, кои беа дел од младинските селекции до 13 и 15 години, како што се Ева Конева, Ева Величковска, Тина Туџарска, Мила Наумовска, Дева Величкова – вели претседателката на клубот Трпевска.
Клубот изминатава година беше мошне активен на фудбалските терени.
– Годинава ќе ја помниме по учество на Турнирот на пријателството во Илиџа (БиХ), по покана од фудбалската школа Респект, а бевме дел и од премиерното прикажување во Сараево, на документарен филм за клубот Респект. Бевме и на турнирот во кадетска конкуренција во Црна Гора по покана на ЖФК Брезница од Пљевља, каде што добивме диплома за ферплеј-екипа, а наедно со младинките на Сараево, кој, пак, е актуелен шампион во женска сениорската конкуренција, одигравме 1-1, што за нас беше голем успех. Нашиот следен меѓународен турнир е в недела во Мала Речица, со женските екипи на Речица и Лавици од Србија, во категориите до 11, 13 и до 15 години. Одиме со мотото на нашиот клуб „Спорт, фудбал и пријателство“ – вели Трпевска.
Во сезоната 2019/2020 женска екипа на клубот (генерација 2011) се приклучи во Детската лига при ФФМ.

– Нашето учество во детските лиги постојано дава добри резултати, со тоа што тие немаат лига на нивна возраст, а се вклучени во системот на натпревари. На тој начин кај нив ги задржуваме желбата за фудбал и спортски дух, чувството на припадност, за тоа колку е значаен спортот на таа возраст како дел од градење на нивниот карактер и зајакнување на нивните психомоторни способности, стекнување спортски вредности и култура. Сето тоа, пак, подразбира самопочит и самодоверба, да ги почитуваме другите, да веруваме во себе и да бидеме сите еднакви на фудбалскиот терен и надвор од него, без разлика на боја, вера, нација, социјален статус, стекнување пријатели преку клубот, а со тоа и влог за здрава младина – вели Трпевска и додава:„Во 2021, како единствен клуб од Македонија настапивме до 15 години на детскиот фудбалски фестивал ’Куп Драган Манце‘ во Белград. Во 2023 имавме пријателски турнир кај нас со Каламата од Грција во сениорска категорија, како и со генерациите родени во 2011/2012/2013/2014. Следуваше турнирот во Лесковац (Србија) каде што игравме со Лавици во две категории, кадетки 2011/2012/2013 и помлади и деца до 11 години, како и со екипата на Единство во категоријата до 13 години“.
Трпевска е задоволна од сето она што клубот го постигнал досега, а особено што од него произлегле и неколку сениорски репрезентативки.

– Горди сме што како матичен клуб бевме отскочна штица на репрезентативки, како Миа Петровска, голманка во А-репрезентација на Македонија до 19 години, а сега живее во Германија и има трансфер во Бохум и Симона Ребека Меијер, која настапува за Макаби од Израел и е македонската сениорска репрезентативка. Со нашето постоење и одржување тренинзи во ООУ „Димитар Миладинов“ продолжуваме да пронаоѓаме и да тренираме нови фудбалски таленти. Дел од наставниот кадар што ги обучува фудбалерките е и Ѓорѓи Миновски, професор по физичко образование, спорт и здравје, со Б-диплома на УЕФА, кој наедно е и потпретседател на клубот. Неговата поддршка е присутна уште од првиот ден на формирањето, како со посредување за донации така и со залагање на теренот и надвор од него – појаснува Трпевска, која е и дел од тренерскиот стручен штаб на клубот.
Трпевска го изнесе својот став и за главната цел на клубот.
– Една од главните цели на клубот е да им дадеме избор на девојчињата што уште од најмала возраст ќе го изберат фудбалот како спорт. Со тоа помагаме во борбата за еднаквост и сите заедно, вклучувајќи ги и родителите и пријателите на фудбалерките, придонесуваме со своја трага во рушењето на стереотипот, во и надвор од Македонија, дека фудбалот е спорт само за момчиња. Ние постоиме, го сакаме фудбалот, секогаш сме на терен и на дожд, и на кал, и на снег и на сонце – вели амбициозната тренерка Трпевска. Г.И.