Португалецот досега има постигнато вкупно 891 гол во кариерата, а со 140 гола го држи рекордот за најмногу голови во историјата на Лигата на шампионите и е единствениот играч што дал гол на пет ЕП во низа
ФУДБАЛ – НА ГОДИНАШНОВО ЕП ВО ГЕРМАНИЈА
Капитенот на фудбалската репрезентација на Португалија, Кристијано Роналдо, кој е пример на долговечност повеќе од две децении во неговата извонредна фудбалска кариера, притоа соборувајќи голем број рекорди и играјќи за некои од најголемите клубови во светот, решен е да остави свој белег и на годинашново Европско првенство (ЕП) во Германија (14 јуни-14 јули). Неговото заминување од европската елита во Саудиска Арабија, по разочарувачкиот настап на Светското првенство (СП) 2022 година во Катар, кое заврши со шокантен пораз на Португалија од Мароко во четврт-финалето (0-1), го отвори прашањето дали блескавата фудбалска кариера на Роналдо (39) е при крај, пишува „Ројтерс“.
Сепак, тој ќе треба да докаже дека сѐ уште може да игра на највисоко ниво и ќе пристигне во Германија на ЕП како доверлив лидер на талентиран тим под водство на поранешниот селектор на Белгија, Шпанецот Роберто Мартинез.
Меѓу многуте достигнувања на Роналдо треба да се истакне дека тој е водечки стрелец во историјата на машкиот меѓународен фудбал со 128 гола на 204 официјални натпревари. Поминаа речиси 20 години помеѓу неговиот прв гол за Португалија против Грција на ЕП 2004 и неговиот последен против Лихтенштајн во ноември 2023 година, а врвот на неговата интернационална кариера беше триумфот на ЕП во Франција во 2016 година. Роналдо досега има постигнато вкупно 891 гол во кариерата, а со 140 гола го држи рекордот за најмногу голови во историјата на Лигата на шампионите (ЛШ) и е единствениот играч што дал гол на пет ЕП во низа.
Тој ќе се обиде да го зголеми овој рекорд на ЕП во Германија, оти е близу до 900 гола, бројка што може да биде на дофат за време на турнирот. Но неговата цел е многу повисока.
– Ќе биде мошне тешко да се постигнат 1.000 гола, но се работи за тоа како сум психички подготвен, за мојата мотивација. Ако физички моите нозе ме третираат исто како што се однесувам со нив, тогаш… Ќе видиме. За да стигнете до 1.000 гола, прво треба да стигнете до 900. Мислам дека ќе стигнам до таму – рече Роналдо по двата гола што ги постигна во победата (4-2) на последниот пријателски дуел против Словачка, пишува „Ројтерс“.
Откако постигна 10 гола во последните 12 натпревари со Португалија и 42 во 41 меч со Ал Наср сезонава, немилосрдниот менталитет на Роналдо може да биде клучот за неговата изјава и шанси, пред неговиот настап со Португалија на ЕП во Германија. Г.И.