АТЛЕТИКА – НА ЕП ВО РИМ

Трајковски ќе настапи во скок во далечина, а Ивановски на полумаратонска трка
Атлетичарот Андреас Трајковски ќе настапи на претстојното Европско првенство (ЕП), кое ќе се одржи во главниот град на Италија, Рим, годинава од 7 до 12 јуни. Тој наедно ќе биде и првиот натпреварувач во историјата на македонската атлетика што ќе се натпреварува во оваа атлетска дисциплина на едно ЕП.
Трајковски се најде на 25-то место на ранг-листата во скок во далечина и тој пласман, всушност му обезбеди место на претстојното ЕП во Рим. Тој ќе настапи во квалификациите во скок во далечина на 7 јуни и доколку успешно ги мине, ќе биде дел од финалето, кое на програмата е следниот ден.
Како што веќе е познато, претходно и Дарио Ивановски со остварена норма обезбеди учество во полумаратонска трка на ова ЕП, па така, Македонија ќе има двајца атлетичари со исполнети услови за учество. Ивановски ќе трча на полумаратонската трка, која ќе се одржи на 9 јуни. Г.И.