Јордан денеска соопшти дека следниот месец ќе биде домаќин на меѓународна конференција за мобилизирање хуманитарна помош за Појасот Газа, јавија државните медиуми.
Новинската агенција ПЕТРА јави дека конференцијата ќе се одржи на 11 јуни во регионот на Мртвото Море во координација со Египет и Обединетите нации.
Како што пренесе ДПА, средбата треба да се одржи на ниво на шефови на држави и влади, како и на шефови на меѓународни и хуманитарни организации. Засега не се знае кој точно ќе присуствува.
Јордан и Египет постојано ја осудуваат катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа од избувнувањето на израелската воздушна и копнена кампања како одговор на масакрите на милитантите на Хамас на 7 октомври.
Египет беше првата арапска земја што потпиша мировен договор со Израел во 1979 година.
Во тековната војна во Газа, северноафриканската земја посредува со САД и Катар меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас.
Јордан потпиша мировен договор со Израел во 1994 година. Земјата е дом на повеќе од два милиони регистрирани палестински бегалци, што е најголемиот број такви бегалци во светот.