Алекс Хог Андерсен кој го глуми ликот на бестрашниот воин Ајвар Бескоскениот во популарната телевизиска серија „Викинзи“ во приватниот живот чувствува страв од љубовните писма што ги добива од обожавателите, пренесува „Њујорк пост“.
Дваесет и четиригодишниот актер од Данска беше непознат за публиката ширум светот, но откако почна да глуми во „Викинзи“, се стекна со еден милион обожаватели на Инстаграм.
– Добив неколку љубовни писма, за кои навистина ми е драго. Немам идеја како да одговорам на писмата и малку сум исплашен од оваа ситуација. Ова за мене е еден нов и непознат свет. Но, луѓето се навистина добри – вели низ шега Андерсен.
Кога креаторите на популарната телевизиска серија „Викинзи“ одлучија да го убијат омилениот лик на Рагнар (Травис Фимел), гледачите на историската драма се пренасочија и веднаш најдоа нов фаворит во неговиот хендикепиран син, Ајвар Бескоскениот.
– Постоеше ризик кога ја претставивме идејата да го убиеме карактерот на Рагнар. Тој беше центар на серијата и знаевме дека постои голема опасност да ги изгубиме обожавателите, ако се решиме да го преземеме тој чекор – вели креаторот Мајкл Хирст.
Но, тоа не се случи. Откако Рагнар беше убиен од отровни змии, гледаноста на четвртата сезона се зголеми од 2,2 милиони на 2,5 милиони прегледи неделно.
– Не верував дека гледачите ќе не напуштат. Знаев дека рагнаровите синови се познати колку и самиот Рагнар. Се претпоставува дека Ајвар бил хендикепиран и не можел да ги движи нозете. Звучи толку несекојдневно, а сепак, вистинито. Затоа сакав да го претставам како таков човек можел да биде толку влијателен, необичен и привлечен во исто време – вели Хирст.
Хирст вели дека Андерсен го пленил со неговата глума уште од самиот почеток.
– Уште пред првата аудиција, Андерсен ми постави само едно прашање. Дали Ајвар страда поради нефункционалноста на неговите нозе, на што одговорив дека Ајвар страда сиот негов живот. Откако се појави подготвен да настапи, не се забележуваше никаква болка во неговата изведба. Но, кога погледнав на екранот од камерата, ја видов болката во неговите очи – објаснува Хирст.
Тој најавува мрачна сезона за Ајвар, во која семејството и пријателствата ќе бидат уништени, светот ќе гори, а боговите ќе врескаат во агонија. Премиерата на петтата сезона на историската драма е утре на каналот „Хистори“.