ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА
Прва победа на Парет-Пентре, Погачар и понатаму води
Французинот Валентин Паре-Пентре ја оствари својата прва професионална победа на 10-та етапа на велосипедската грантур-трка Џиро д’Италија, пишува „Би-би-си“. Тој славеше со својот постар брат Орелиен, кој во минатата година победи на четвртата етапа на Џиро и беше петти во 10-та етапа годинава.
Тадеј Погачар (двоен победник на грантур-трката Тур де Франс, во 2020 и во 2021 година) од Словенија ја задржа својата предност на трката околу Италија пред Колумбиецот Даниел Мартинез и пред Британецот Герент Томас на врвот во генералниот пласман. Етапата број 11 се возеше вчера, во должина од 207 километри.
Вкупен пласман по 10 од вкупно 21 етапа на Џиро д`Италија: Тадеј Погачар, Даниел Мартинез (2:40 минути послабо време од водечкиот), Герент Томас (плус 2:58 мин.), Бен О’Конор (плус 3:39.), Сиан Уијтдеброекс (плус 4:15), Антонио Тибери (плус 4:27), Ромен Барде (плус 4:57), Лоренцо Фортунато (плус 5:19), Филипо Зана (плус 5:23), Ајнер Рубио (плус 5:28 минути)… Н.М.
ФУДБАЛ
Некогашниот европски првак Астон вила по четири децении ќе игра за континенталниот трофеј
Астон вила по пауза од 42 години одново ќе игра за трофејот во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Англискиот премиерлигаш го обезбеди четвртото место сезонава, кое носи пласман во Лигата на шампионите, по поразот на Тотенхем од Манчестер сити. Англија во идната сезона во ЛШ ќе ја претставуваат и Манчестер сити, Арсенал и Ливерпул.
– Тоа е многу посебен ден. Тоа е нашиот сон, ја почнавме сезоната за да бидеме тука. Имавме повреди, но тимот секогаш беше фокусиран. Тоа е фантастично. Да се игра во Лигата на шампионите е најдобро – рече тренерот Унаи Емери.
Астон вила беше европски првак во 1982 година (во финалето славеше на дуелот со Баерн, со 1-0). Во следната сезона клубот од Бирмингем стигна до четврт-финалето на тогашниот Куп на шампионите и од тогаш нема настап во натпреварувањето за континенталната титула. Астон вила, која беше победник и на Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) во 1982 година (вкупна победа со 3-1 на двата натпревара со Барселона), е седумкратен првак на Англија. Н.М.
ФУДБАЛ
Унаи Емери со шести клуб ќе настапи во ЛШ
Унаи Емери, тренерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Астон вила, со која обезбеди учество во Лигата на шампионите (ЛШ) во следната сезона, ќе раководи со шестиот клуб во најсилното европско клупско натпреварување. Тој претходно во натпревари во Лигата на шампионите беше тренер на Валенсија, Спартак Москва, Севилја, Пари сен Жермен и на Вилјареал, пишува „Би-би-си“.
Астон Вила го назначи Емери за тренер на клубот во октомври 2022 година, кога тимот беше на 14-то место во Премиер-лигата, со три бода повеќе од клубовите во зоната за испаѓање и од тогаш само Манчестер сити, Ливерпул и Арсенал освоија повеќе бодови во Премиер-лигата од Астон вила, пишува „Би-би-си“. Н.М.