Тивок бојкот наспроти тивка поддршка: Улогата на Албанците во изборот на нов претседател

Дали цензусот за претседател се постигна со гласовите на Албанците? Кои беа реализираните сценарија на албанските политички партии и коалиции околу изборот на претседател? Како новиот шеф на државата, Силјановска-Давкова, доби легитимитет и од Албанците?

Во вториот круг на претседателските избори, освен за изборот на новиот шеф на државата, битката беше и за цензусот, односно за 40 отсто одзив или 726 илјади гласа.
Споредбено со резултатите од првиот круг, одзивот многу тешко ќе се постигнеше без да гласа и дел од Албанците. Бидејќи гласачкото тело во албанскиот кампус е клиентелистички настроено, ориентирањето на гласачите зависеше од двете коалиции: Европскиот фронт на ДУИ и опозициската коалиција Вреди. Едно од сценаријата што се остварија беше обезбедувањето на цензусот, што значеше поддршка на опозициската коалиција Вреди за претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова.
Инструкцијата на оваа коалиција за активистите беше да не се бојкотираат претседателските избори. Тивката поддршка за Силјановска беше остварена преку повикот од коалицијата Вреди за партиските структури – на денот на изборите да се земе и избирачкото ливче за претседателските избори. Така и се случи! Во општините во кои живеат Албанците, според податоците на ДИК, одзивот беше над 20 отсто, што е доказ дека овие избори не беа тотално бојкотирани. На ваквата индиректна поддршка ѝ претходеше договор за составување на новата влада помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и еден од лидерите на Вреди, Арбен Таравари, во седиштето на албанската опозиција. На средбата Мицкоски и Таравари разговарале за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка, главно насочени кон борба против криминалот и корупцијата.
Но еден став на Силјановска речиси ја оневозможи поддршката на коалицијата Вреди. На еден митинг во Куманово, Гордана Силјановска-Давкова наведе дека некои злосторства против човештвото никогаш не застаруваат. Помеѓу редови, Силјановска инсинуираше дека постои можност за решавање на делата од војната во 2001 година пред меѓународен трибунал. На ова остро реагираше еден од лидерите на коалицијата Вреди. Изет Меџити истакна дека „жал ни е што со приближувањето на изборите, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики, кои мислевме дека ги заборавиле. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со поларизацијата со ДУИ и оваа банална, стара игра. Албанците се заедно кога се работи за националното прашање. ОНА (УЧК) е СВЕТО за сите нас и никој не смее да чепка таму“.

Кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, во првиот круг освои 120 илјади гласа и познато е дека низ годините оваа партија има релативно стабилно гласачко тело. На минатите претседателски избори, претседателот Пендаровски беше консензуален кандидат, а на годинешните избори не беше поддржан. За да не му ја затвори вратата на ВМРО-ДПМНЕ за составување на владата, ДУИ „ретерираше“ од концептот консензуален претседател и не го поддржа претседателскиот кандидат Пендаровски, што се должи и на одбивањето на СДСМ на понудата на ДУИ за заедничка предизборна коалиција за парламентарните избори. Имаше повик за тивок бојкот, кој беше реализиран преку агитирање до т.н. партиски „милитанти“ или активисти. Челниците на Европскиот фронт беа разединети околу политичкото однесување во вториот круг на изборите.
Првиот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби, не гласаше за претседател на државата. „Не гласав за претседателските бидејќи не сакам да легитимирам претседател или претседателка што е против УЧК, против Охридскиот договор, против добрососедството со Косово, со Бугарија, со Грција, против интеграција во ЕУ и уставните измени, против пријателството со САД. Не сакам идниот претседател или претседателка да го има и легитимитетот на гласовите на демократскиот свет тука во С. Македонија, овозможувајќи избор на еден таков претседател. Затоа го искористив моето демократско право да гласам за парламентарните, но не и за претседателските избори“, рече Груби. И актуелниот лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, гласаше само на парламентарните избори. Ваквите ставови мотивираа и дел од неопределените гласачи во македонскиот етнички блок да излезат на гласање и да обезбедат цензус. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој е во коалиција со ДУИ во Европскиот фронт, потврди дека гласал и за претседателските избори. Тачи рече: „Стојам зад одлуката на Европскиот фронт донесена на 2 мај во Струга, кога граѓаните беа повикани од нас самите да одлучат како ќе постапат во однос на претседателските избори“.
Шефот на изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбер Адеми, прашан дали тоа што ДУИ отворено не ги повикала своите поддржувачи да гласаат на вториот круг од претседателските избори може да се протолкува како тивок бојкот, изјави дека ги оставиле поддржувачите самостојно и по сопствено убедување да одлучат како ќе се однесуваат на претседателските избори. Адеми додаде дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, техничкиот премиер Талат Џафери и министерот за надворешни работи Бујар Османи гласале во вториот круг.

На претходните претседателски избори во 2019 година, ДУИ за првпат во историјата ја поддржа идејата за консензуален претседател, а олицетворение на таков шеф на државата беше Пендаровски. Тој беше поддржан од сите владини партии односно, освен ДУИ, го поддржа и партијата Алтернатива. Со 435 илјади гласа, меѓу кои неколку илјади од Албанците, стана претседател наспроти кандидатката на опозицијата Гордана Силјановска-Давкова, која освои 377 илјади гласа. Во 2014 година ДУИ не истакна свој кандидат, на сметка на својот партнер ВМРО-ДПМНЕ, а во одредени населени места имаше „дозирани“ гласови за Ѓорге Иванов, за да се обезбеди цензусот. Иванов стана претседател со 534 илјади гласа, наспроти Пендаровски, кој доби 398 илјади. На овие избори учествуваше и Илјаз Халими од ДПА, кој освои 38 илјади гласа.
На претседателските избори во 2009 година ДУИ учествуваше со својот кандидат Агрон Буџаку, кој освои 73 илјади гласа, а во вториот круг, исто како и во 2014 година, гласачката машинерија обезбеди цензус за претседателот Иванов, кој освои 453 илјади гласа, наспроти 264 илјади на кандидатот на СДСМ, Љубомир Данаилов Фрчковски. Гласовите на ДУИ беа повеќе за постигнување цензус отколку симбол на поддршка за Иванов. Во 2004 година, ДУИ настапи со еден од најсилните адути, шефот на Генералштабот на поранешната ОНА, Гезим Острени, кој во првиот круг освои 134 илјади гласа. Во вториот круг, кандидатот на СДСМ, Бранко Црвенковски, освои 550 илјади гласа, иако во првиот круг имаше 385 илјади гласа, што значи дека илјадници гласови на Албанците беа прелеани кај Црвенковски, коалициски партнер на ДУИ, бидејќи разликата во вториот круг беше 165 илјади гласа. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашко Кедев, освои 329 илјади гласа, а одлуката на партијата на Никола Груевски да не бојкотира обезбеди цензус за избор на претседател. Дваесет години потоа, тешко беше за верување дека едно од можните сценарија е бојкотот на СДСМ и непостигнување на цензусот, бидејќи тоа ќе значеше уште едно фијаско за „државотворната партија“, освен преслабиот резултат на парламентарните избори.
Според резултатите, поддршката од коалицијата Вреди за Силјановска беше во насока на обезбедување квантум на гласови за цензусот, а со тоа и почитување на волјата на народот, која уште во првиот круг беше јасна, недвосмислена и очигледна. Од друга страна, иако Европскиот фронт имаше повик особено до структурите на ДУИ за тивок бојкот на претседателските избори, за да не остави негативен впечаток кај меѓународната заедница дека е партија или коалиција што бојкотира, се обиде да создаде перцепција дека нејзиниот пристап „личи на бојкот, ама не е бојкот“.

Сефер Тахири

(Республика.еду.мк)