Разрешен е медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, доктор Данил Петровски. Решението со кое Петровски се разрешува пристигнало до правната служба на Клиниката, а потпишано е од министерот за здравство Илир Демири.
Информацијата за МИА ја потврди самиот Петровски. Разрешениот директор моментно користи годишен одмор, според информациите од вработени на Клиниката, пренесува „Макфакс“.
Петровски рече дека не е изненаден, бидејќи министерот за здравство Илир Демири веќе го најави неговото разрешување. За разрешувањето од функцијата, Петровски дознал денеска од вработени на Клиниката за токсикологија.
Петровски беше директор на Клиниката за токсикологија од 15 декември минатата година до денеска.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат неодамна изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија и најави дека ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ваквиот чекор на ДСЗИ следува откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.
Клиниката за токсикологија во изминатиот месец беше во фокусот на јавноста и поради инцидентот со поплавените простории откако пукнала цевка од парно.