Доколку во најскоро време не најдат заеднички јазик, лесно може да се случи Битола за брзо време да остане без градски линиски превоз и организиран превоз на учениците. По долго анализирање, сметање, барање најдобро и најадекватно економско решение, општината Битола деновиве донесе одлука да ги раскине договорите со автопревозните претпријатија за општински линиски превоз и за превоз на учениците со линискиот превоз, како и да ги врати трите позајмени автобуси од ГСП „Скопје“, кои на три месеци ѝ беа позајмени на Битола.
Како што велат од општината, во согласност со одредбите од договорите по кои досега се превезуваа патниците и учениците во Битола, општината Битола им даде отказен рок на сите превозници од три месеци, период во кој ќе се организира нов јавен повик за организирање на општинскиот линиски превоз.
На тој јавен повик ќе бидат прецизирани правилата и цените за организирање на превозот не само на учениците туку и на граѓаните, па сите превозници ќе имаат можност да аплицираат.
– На тоа работи цела комисија во општината Битола, се одржуваат и контакти со превозниците. По сите анализи, ќе се одредат критериумите во интерес на многу поорганизиран и подобар превоз во општината Битола – истакнува градоначалничката на општината Битола, Наташа Петровска.
Дека во општината Битола се цврсто решени да ѝ се стави крај на агонијата со превозот во Битола најдобра потврда е што некои соговорници од локалната самоуправа нѐ уверуваат дека, ако треба, во иднина превозот ќе го плаќаат и поскапо, но барем тој ќе биде законски, а не коруптивен како што беше во претходниот период и за каков што сѐ уште се залагаат некои автопревозни претпријатија, кои не можат да го преболат периодот кога со претходната власт го организираа превозот, кој, како што во една од бомбите тврдеше бившиот министер за финансии Зоран Ставревски, бил коруптивен до даска и поскап дури од превозот во Токио, Јапонија.
Во општината Битола велат дека на јавниот повик ќе можат да учествуваат сите што се заинтересирани и нема да има никакви привилегии и поволности за никого.
– Општината нема намера да штити ничии лични интереси на штета на образованието. Во изминатиот период, на сметка на досегашните високи цени на превозот на учениците, не е направено речиси ништо во училиштата. Поради тоа што претходно овој проблем не се решавал, во моментов долговите на битолските училишта само по основа на превоз изнесуваат 47.700.000 денари, или над 770.000 евра – нагласува градоначалничката Наташа Петровска.
Иако Битола, која беше, како што велат, иницијатор за законски измени во врска со превозот, мислеше дека со дополнувањата во Законот за превоз во патниот сообракај ќе се реши проблемот со бесплатниот превоз на учениците, за жал тоа не се случи.
Според новите законски измени, бесплатниот превоз на учениците, утврден со Законот за основно образование и Законот за средно образование на подрачјата на општините каде што има утврден возен ред, се предвидува да се врши од страна на носителите на дозвола за општински линиски превоз, по цени и начин утврдени од советите на општините, а бесплатниот превоз на ученици, на две или на повеќе општини, каде што има утврден возен ред, во рамките на меѓуопштинскиот линиски превоз да се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за другите патници.
Но, за жал, автопревозните претпријатија не се согласија со тоа и почнаа со штрајк, бидејќи, според нив, новиот тарифник што го предложи советот бил неисплатлив и при неговото изработување не се консултирале со нив.
Тоа што советот подоцна го повлече тарифникот од усвојување и барем досега не го има ставено на дневен ред, не ги смири превозниците, од кои некои почнаа и самоиницијативно да ги раскинуваат договорите.
– Цените што се предложени од страна на советот се економски неисплатливи и немаме намера да возиме по тие цени ние – тврдеа тогаш превозниците.
Превозниците ја коментираат и последната одлука на општината
– Ова за мене е најдобро решение. Веќе ми е прекуглава ова што се случува со превозот. Сите ние што со години се занимаваме со овој бизнис сме обвинети дека сме криминалци и веќе со години се влечкаме по судовите. Не можам да тврдам за другите, но јас за мене лично со глава гарантирам дека не сум правел злоупотреби – вели еден од превозниците, кој сакаше да остане анонимен.
„Бесплатниот“ превоз на учениците, според некои математики, Битола досега ја чинеше, ни помалку ни повеќе, над 4,5 милиони евра, а тоа што особено ги загрижува битолчани е што, наместо да се намалат долговите кон превозниците, тие се зголемуваат, бидејќи каматите во некои случаи ги надминаа основните побарувања. Како и да е, „бесплатниот превоз “ на учениците во Битола сите изминати години е равенка со многу непознати, која во овој момент не може да ја реши ни градоначалничката.