Играњето, особено за репрезентација, е нешто што секогаш ќе го сметам за највозвишено, но бара и најголемо внимание. Судењето е секогаш опција што заслужува внимание. Од друга страна, несвесно веќе можеби навлегувам и во новинарските води. Сметам дека во моментов ни недостига шаховска емисија од калибар на коментарите на Ристо Ничевски и Љубиша Андоновски, кои постарите генерации со сигурност ги паметат. Сведоци сме дека шахот во светски рамки доживеа огромна експанзија и дека интересот секојдневно расте, со оглед на тоа би била пресреќна ако овој предлог стане јаве, каде што мислам дека со досегашното искуство и јас би можела да дадам свој скромен придонес, вели Николовска, која од лани со ВМ Јанковиќ од Хрватска во живо преку јутјуб-каналот на ЕЦУ анализира партии на ЕП

ДРАГАНА НИКОЛОВСКА, МАКЕДОНСКА РЕПРЕЗЕНТАТИВКА, ИМА И НОВА УЛОГА

Македонската шахистка, репрезентативка и членка на ШК Гамбит Асеко СЕЕ Драгана Николовска од минатата година има нова и мошне одговорна улога во шаховскиот црно-бел свет. Заедно со велемајсторот (ВМ) од Хрватска Алојзије Јанковиќ во живо, со свои коментари преку јутјуб-каналот на Европската шаховска унија (ЕЦУ), таа секојдневно анализира дел од тековните партии на Европското првенство (ЕП) во Грција и на тој начин прави да бидат појасни за шаховската публика. Николовска, покрај ова, има и дополнителна улога, правејќи ексклузивни интервјуа со дел учесниците на ЕП, со истакнати шахисти и шаховски работници што се присутни на настанот. Николовска е македонска репрезентативка што настапила на шест шаховски олимпијади (ШО), и тоа во 2010 година во Ханти Мансијск (Русија), во 2012-та во Истанбул (Турција), во 2014-та во Тромсо (Норвешка), во 2016-та во Баку (Азербејџан), во 2018-та во Батуми (Грузија) и во 2022 година во Ченаи (Индија). Била во составот на Македонија и на три ЕП, во 2017 година на Крит (Грција), во 2019-та во Батуми (Грузија) и во 2021-та во Чатеж (Словенија). Со успех ги брани и боите на ШК Гамбит Асеко СЕЕ од Скопје.

Како се случи да ја добиете довербата од ЕЦУ за да ги коментирате партиите во живо од женското ЕП? За македонскиот шах, ова секако претставува големо признание.
– Коментаторите на едно ЕП, од каков било вид, се избираат од организаторот на турнирот под надзор на ЕЦУ. Моето деби во таа улога беше изминатата година, токму на истото ЕП што го коментирам и сега, благодарение на довербата што ми ја даде Шаховската федерација на Црна Гора. Еден од главните организатори, Митар Ѓукановиќ, имаше визија дека јас би можела добро да се снајдам во таа улога, иако првично не верував во тоа. За среќа, неговата идеја беше добро прифатена, како од ВМ Алојзије Јанковиќ, кој во овој домен зад себе има огромно искуство и води своја шаховска емисија на националната хрватска телевизија, така и од целокупниот организациски тим. Сето тоа ми даде поттик, сепак, да го прифатам предизвикот. Проектот беше завршен успешно, со заемно задоволство на сите вклучени страни, што понатаму ми ги отвори портите да добијам покана и за уште две битни ЕП истата година, екипното во ноември во Будва и поединечното во забрзан и во брз шах во декември во Загреб. Морам да признаам дека особено пријатно ме изненади и повикот за тековново ЕП. Ја користам секоја пригода, па така, би ја искористила и оваа, да им се заблагодарам пред сѐ на Митар и на Алојзије, а потоа и на ЕЦУ за укажаните можности.
Напорно ли е да се следат толку многу партии, а дел од нив да се анализираат за шаховската јавност, бидејќи партиите траат со часови?

– Многумина попаметни од мене досега кажале дека не го чувствувате напорот кога работите нешто што вистински го сакате, така што иако ова претставува одредена доза напор, сепак, од студиото секој ден излегуваме исполнети. Можеби за пошироката јавност ова темпо на игра е предолго за да се зачува вниманието во текот на целата партија, затоа верувам дека најсоодветно темпо на игра за одржување на фокусот на гледачите би било забрзаното (рапид) темпо.
Како одлучувате кои партии ќе се анализираат и коментираат, односно дали гледате да бидат оние поинтересните или претпочитате дерби-дуели од врвот на табелата?
– Главниот фокус е, секако, на првите табли, но, сепак, будно ги следиме и истакнатите млади имиња за кои се предвидува светла шаховска иднина, како што се Бодана Сиванандан, Кесариа Мгеладзе, Божена Пидубна… Исто така, со оглед на тоа дека програмата оди со само 15 минути задоцнување, заради мерки против мамењето, пробуваме да воспоставиме контакт и со гледачите и да погледнеме некоја партија за која тие покажуваат интерес. За жал, невозможно е да се следат апсолутно сите партии, но, и покрај тоа, се трудиме да ги доловиме највозбудливите моменти од тековното коло.
Истовремено правите и кратки интервјуа со учесничките на ЕП или некои познати шахисти и личности од шаховскиот свет. Како одлучувате со кого ќе разговарате и какви соговорници најчесто се тие, лесно ли прифаќаат да разговараат…?
– Како што и самите забележавте, се трудиме да имаме некаква разновидност. Во студиото речиси секојдневно имаме и тренери, прочуени велемајстори, кои ни помагаат со анализите, влијателни личности што нѐ известуваат за актуелните проекти, како и учеснички кои штотуку победиле битна партија и со задоволство ексклузивно го споделуваат мисловниот процес од прво лице. Со оглед на тоа дека од нашето студио оди официјалниот пренос, ретко кога поканата наидува на отпор. Секако дека има и играчи што претпочитаат за време на турнирот да не се експонираат, што е сосема во ред и секогаш се почитува.
Вие сте македонска репрезентативка што настапила на европски првенства, шаховски олимпијади, но и шаховска судијка. Кои се Вашите шаховски планови во иднина, крајната цел, можеби шаховска новинарка?
– Шахот е моја прва љубов, крајната цел е тој да продолжи секојдневно да ми носи насмевка на лицето, а ќе дозволам да ме однесе во насока во која од мене ќе има најголема полза, уживајќи во процесот. Играњето, особено за репрезентација, е нешто што секогаш ќе го сметам за највозвишено, но бара и најголемо внимание. Судењето е секогаш опција што заслужува внимание. Од друга страна, несвесно веќе можеби навлегувам и во новинарските води. Сметам дека во моментов ни недостига шаховска емисија од калибарот на коментарите на Ристо Ничевски и Љубиша Андоновски, кои постарите генерации со сигурност ги паметат. Сведоци сме дека шахот во светски рамки доживеа огромна експанзија и дека интересот секојдневно расте, со оглед на тоа би била пресреќна доколку овој предлог стане јаве, каде што мислам дека со досегашното искуство и јас би можела да дадам свој скромен придонес.
Ваша прогноза која ќе биде новата европска шампионка?
– На две кола пред крајот (кога е и правено интервјуто – н.з.), ИМ од Азербејџан Улвија Фаталиева води со цел поен предност, што секако ѝ дава најголеми шанси, иако уште не е кажан последниот збор. Без пораз, досега таа прикажа најстабилна игра, како и одличен избор на отворања што се одмерени токму кон онеспособување на шансите на нејзините противнички, што можеби е и еден од клучните фактори. ИМ од Романија Ирина Булмага има единствена шанса да ја неутрализира оваа предност, бидејќи ќе бидеме сведоци на меѓусебна средба помеѓу двете водечки шахистки во претпоследното коло. Со оглед на тоа што Ирина ги има црните фигури и притисок дека мора да победи, мислам дека доколку уште еднаш видиме вистински одлука од нејзиниот тим во однос на отворањето што ќе настане, шансите Фаталиева да заврши на тронот ќе бидат драстично зголемени.

[email protected]