Претседателскиот кандидат на коалицијата на ДУИ – Европски фронт, Бујар Османи вечерва објави голема победа над противкандидатот на Вреди, Aрбен Таравари. Тој наброја редица општини каде е извојувана победа, наведувајќи ги и Гостивар, каде Таравари е градоначалник, потоа Чаир, кое важи за центар на опозицијата, но и Струга, Тетово, Кичево… Европскиот фронт стана локомотива за европскиот пат на земјава, рече Османи.
Османи наброја каде има победа.
-Во Гостивар, Чаир, Јегуновце, во Арачиново, Врапчиште, Студеничани, Липково, Желино, во Гази Баба, Долнени, Пласница, Ресен, голема победа имаме во Струга, во Тетово, Чашка, Сарај, Битола, Чучер Сандево, Велес, Кичево, Крушево, Куманово, Центар, Сопиште, Маврово, Дебар, во сите места во земјава. Победата е аманет за нас и сите барања на коалициските партнери ќе бидат вградени во програмата, ние волјата на граѓаните ќе ја почитуваме – рече Османи.
Тој истакна дека коалицијата ги чека резултатите на ДИК, но додаде дека од статистиката на изборниот штаб може да се заклучи дека ошптеството е поделено по етничка основа, затоа што не секаде се гласало според политичката понуда.
-Сепак, смеам да кажам дека ние ја лансиравме пораката за заедништво кон европскиот пат. Ние покажавме и заедништво со помалите етнички заедници во рамки на фронтот. Волјата на Турците, Бошњаците, Ромите и на другите кои се дел од коалицијата Европски фронт преку нас ке биде спроведувана низ нашата политика, тие во нас ќе имаат цврста поткрепа – рече Османи.
Тој му упати порака на противкандидот во рамки на албанскиот блок, на Арбен Таравари.
-Арбен независно од резултатите, со достоинство прифати ја пораката од граѓаните, заради својата кариера.
Приврзаниците на ДУИ вечерва на плоштадот „Скендербег“ во Скопје слават по објавата на првичните резултати од првиот круг од претседателските избори според кои нивниот кандидат за претседател Бујар Османи е на третото место пред кандидатот за здружената албанска опозиција Арбен Таравари.
Вицепремиерто и министер за политички систем од редовите на ДУИ Артан Груби вечерва на плоштадот Скендербег во Скопје каде беше лоциран Изборниот штаб на противканидатот Таравари, изјави дека е ова спектакуларна победа за коалицијата на Европскиот фронт предводен од ДУИ.
-Славиме победа на Европскиот фронт. Славиме дека ќе победиме со над 20 пратеници на 8 мај, на претседателските и парламентарните избори. Ќе славиме ослободување на Чаир, на Тетово, на Гостивар, на Желино и на сите други окупирани општини со помош на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Додик, Путин и Вучиќ. Денеска е ден на ослободување како што ќе биде и 8 мај, ден пред Денот на Европа – рече Груби.
На плоштадот „Скендербег“ има зголемено полициско обезбедување, а Изборниот штаб на албанската опозиција „Вреди“ е преместен во трговскиот центар Мавровка.