Многубројна историска литература, документација и сведоштва го потврдуваат ставот на припадниците на македонскиот народ, токму како реакција на бугарските обиди да ја задушат македонската национална ренесанса и да ја негираат посебноста на македонскиот народ, од кој се родиле различните форми на отпор од минорни до најрадикални. Токму во Бугарија историските факти сведочат дека Македонците се организираа или активно ѝ се спротивставуваа на власта, јавно демонстрирајќи на европската политичка сцена дека нема никојпат да се согласат со деноминаторските нихилистички бугарски политики кон македонскиот народ. Една од таквите форми на отпор и демонстрација на отворено крајно радикално спротивставување на политиките на Софија спрема Македонците биле и – атентатите. Најпознати такви форми на отпор се атентатите на двајца бугарски премиери, Стефан Стамболов и Александар Стамболијски, како и на неколку бугарски министри и дипломатски претставници, како што се атентатите на Христо Белчев или на Александар Димитров. Но за обележување е дека ваквите македонски пројави во бугарската држава биле мотивирани од македонските интереси и најчесто Македонците дејствувале против оние бугарски фактори што биле лидери во негативната настроеност кон Македонците и нивните политички слободарски стремежи.
Првиот обид за атентат врз Стамболов се организира по егзекуцијата на мајорот Коста Паница, еден од високите офицери во бугарската армија, популарен меѓу македонските средини во бугарската држава. Паница во пролетта 1890 година бил осуден поради обидот за државен удар со поддршка на Русија. Судот го осудил на смрт, со препорака до бугарскиот кнез Фердинанд Први казната да се замени со затвор, но, по лична интервенција на Стефан Стамболов, смртната казна била извршена во јуни 1890 година. Пред егзекуцијата на Коста Паница, во Белград се засолнил Димитар Ризов (македонски деец и бугарски политички работник, публицист и дипломат), каде што првпат проговорил за убиство на Стамболов во случај да биде извршена смртна казна врз Паница, а во заговорот се вклучил и Наум Туфекчиев (деец на неколку македонски емигрантски друштва, неговото име се поврзува со трговијата на оружје, како и со неколку атентати).
Димитар Ризов во октомври 1890 година од Белград во Софија го испратил Иван Козаров, кој требало да го изврши убиството, но не направил ништо конкретно и Наум Туфекчиев го вратил назад. Малку подоцна во Бугарија биле испратени Крсто Ножаров и Никола Туфекчиев, брат на Наум Туфекчиев. Тие во Софија се поврзале со Димитар Туфекчиев (најмладиот брат на Наум Туфекчиев) и со Михаил Ставрев, познат како Хаљо, со што се создало основното заговорничко јадро. Заговорниците стапиле во контакт со Спас Антонов (телохранител на Стамболов и приврзаник на егзекутираниот Коста Паница) договарајќи се да не стрела во нив при обидот за атентат. Заговорничката група ја проучила секојдневната рутина на Стамболов и решила да го убие во близината на кафулето „Панах“, во кое често престојувал бугарскиот премиер. Заговорниците одлучиле да стрелаат во главата на Стамболов бидејќи било општопознато дека носи панцир.
На 27 март 1891 година, Стамболов се упатил кон кафеаната „Панах“, во придружба на Христо Белчев, министерот за финансии. Во 20 часот ја напуштиле кафеаната, следени од телохранителот Спас Антонов. Тие се движеле пеш, по тротоарот на улицата Васил Левски, покрај источната ограда на Градската градина, кога биле нападнати од заговорниците. Атентаторите биле поделени во две групи, во првата биле Хаљо и Никола Туфекчиев. Кога Стамболов и Белчев минувале покрај нив, Хаљо го грабнал Стамболов за рака, за да го спречи да го употреби оружјето и да пука кон него, но го застрелал Никола Туфекчиев во левата рака. Во исто време и тој застрелал, но го погодил Хаљо во десната рака, по што не можел да го употреби оружјето. Стамболов паднал, а некои од напаѓачите поверувале дека е убиен. Во меѓувреме, Христо Белчев се стрчал кон влезот на Градската градина, каде што бил застрелан од Димитар Туфекчиев, верувајќи дека е Стамболов.
По одредено време, Стефан Стамболов се упатил кон најблиската полициска станица и се вклучил во потера по напаѓачите, но сите четворица заговорници успеале да побегнат. Никола Туфекчиев се засолнил во Белград, а Хаљо и Ножаров во Романија, од каде што со помош на руските власти биле префрлени во Одеса. Димитар Туфекчиев бил уапсен следниот ден, откако во Градската градина биле пронајдени пиштоли со иницијали на неговиот брат Наум Туфекчиев.
– Истрагата за неуспешниот атентат траела повеќе од една година. Единствениот уапсен атентатор Димитар Туфекчиев не дал никакви корисни информации, а како резултат на тортурата починал на 18 септември 1891 година. Како соработник на заговорниците се пројавил и Спас Лепавцов, кој го чувал оружјето што било употребено во неуспешниот атентат. Лепавцов се согласил да соработува во истрагата, а обвинителството врз основа на неговото сведочење се обидело да ја докаже поврзаноста на атентаторите со познати општествени личности, како Петко Каравелов или Трајко Китанчев – вели Душко Апостолоски, кој подолго време ги истражува старите прилепски фамилии.
Според истражувањето на Душко Апостолоски, Спас Лепавцов потекнува од стара прилепска фамилија, а неговиот татко Димитар бил македонски преродбеник и еден од водачите на борбата против грчкото влијание во Прилеп. – Во 1878 година Димитар Лепавцов емигрирал во Бугарија и заедно со својот зет Никола Кондов ја отворил фабриката за тутун „Македонија“ – вели Апостолоски.
Судењето било спроведено од страна на воен суд, започнало на 30 јуни 1892 година во Военото училиште, а казните биле изречени на 1 јули. Биле осудени вкупно 15 лица. На смрт се осудени Светослав Миларов, Константин Попов, Тома Георгиев и Александар Караѓулев. Петко Каравелов е осуден на пет години, а Трајко Китанчев на три години затвор. Во отсуство се осудени Димитар Ризов, Наум Туфекчиев и Иван Козаров. Смртните пресуди се извршени на 27 јули 1892 година во дворот на т.н. Црна џамија.
– Спас Лепавцов бил осуден на смрт, но подоцна казната му била преиначена во пет години затвор – ни посочи Душко Апостолоски.
Во почетокот на 1894 година, Стефан Стамболов имал недоразбирања со бугарскиот кнез Фердинанд Први, поради што бил отстранет од позицијата бугарски премиер. Новата бугарска влада, предводена од Константин Стоилов, се обидела да го компромитира и набрзо Стамболов бил уапсен, откако го критикувал кнезот Фердинанд во еден германски весник. Во есента 1894 година, новата бугарска влада им дозволила на заговорниците на неуспешниот атентат врз Стамболов да се вратат во Софија. Во октомври 1894 година, најпрво пристигнал Наум Туфекчиев, а набрзо му се придружиле Михаил Ставрев (Хаљо) и Димитар Ризов, како и Боне Георгиев и Атанас Цветков (Таљо), блиски луѓе на Туфекчиев. Заговорниците во пролетта 1895 година ги прават првите обиди за повторно убиство на Стамболов, но сите обиди се неуспешни бидејќи поранешниот бугарски премиер секогаш се движел во придружба на голем број луѓе, а честопати и во придружба на странски дипломатски претставници. Поради тоа, заговорниците одлучиле да го убијат на улицата Георги Раковски, каде што Стамболов често се движел од својот дом до клубот „Унион“.
(продолжува)