Шефот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников го информирал рускиот претседател Владимир Путин дека се приведени 11 лица, меѓу кои и четворицата терористи кои директно учествувале во нападот во „Крокус“, јавуваат руските медиуми.
Рускиот истражен комитет соопшти дека осомничените се фатени во областа Брјанск, во близина на границата со Украина, пренесе „РИА Новости“.
Тие биле уапсени од припадници на руските разузнавачки агенции, се наведува во соопштението што го пренесе „Тасс“.
Според извештаите, се работи на откривање и на соучесниците на терористите.
Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев изјави дека ќе бидат казнети сите одговорни за терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“, во близина на Москва.
Патрушев им рече на новинарите дека ова злосторство е уште една потврда дека тероризмот претставува голема безбедносна закана која бара координирани напори од сите граѓани, разузнавачките служби, агенциите за спроведување на законот и властите на сите нивоа за да се спречат терористичките активности – пренесе „Интерфакс“.
Тој изрази длабоко сочувство до семејствата и пријателите на загинатите во терористичкиот напад во Подмосковље, како и брзо закрепнување на повредените.