Фото: ЕПА

По 28-то коло на првото место изби Арсенал, со 64 бода, а по 63 бода имаат Ливерпул и Манчестер сити (вакви неизвесни трки со три тима имало и во сезоните 1995/1996, 2001/2002 и 2013/2014)

Во Италија, Германија, Франција и во Шпанија, во четири од петте најсилни домашни фудбалски првенства во Европа, еден тим има значителна, во одредени случаи и двоцифрена бодовна предност, а само во Англија за титулата во трка се три тима раздвоени со само еден бод, на десетина кола до крајот на сезоната во Европа.
Така, Интер води во италијанската Серија А со 16 бода повеќе од најблискиот ривал, Милан, трет е Јувентус со уште еден бод помалку…, на 10 меча до крајот на сезоната. Во Германија лидер е Баер, кој има 10 бода предност пред второпласираниот Баерн, 14 повеќе од третопласираниот Штутгарт…, а во Бундеслигата има за играње уште девет кола. Во Франција водечки е Пари сен Жермен со 10 бода пред Брест на второто место, 11 од Монако на третото…, на 13 кола до крајот на сезоната во Лига 1. Во Шпанија на првото место е Реал Мадрид, кој има седум бода повеќе од најблискиот конкурент за трофејот, Џирона, осум од третопласираната Барселона…, со уште 10 меча во Ла лига.
Во англиската Премиер-лига, пак, во тек е една од најнеизвесните трки за трофејот во Премиер-лигата. Првпат од 2014 година само еден бод ги дели првите три тима по 28 одиграни натпревари, пишува „Би-би-си“. Во сезоната 2013/2014 на 6 мај 2014 година само два бода ги делеле Ливерпул, Манчестер сити и Челси, во 2001/2002 на 23 април 2002 година, Арсенал водеше пред Ливерпул со еден бод повеќе и два од Манчестер јунајтед и во сезоната 1995/96, во средината на март, со уште осум преостанати кола, Манчестер јунајтед беше израмнет со 61 бод со Њукасл, а Ливерпул беше на третото место со 59, пишува „Би-би-си“.
По 28-то коло сезонава на првото место изби Арсенал, со 64 бода, а по 63 бода имаат Ливерпул и Манчестер сити, кои ремизираа меѓу себе, 1-1, во дербито на колото во неделата во Ливерпул. Во следните 10 кола преостанува уште еден меѓусебен дуел на водечките, на 31 март (Манчестер сити – Арсенал), сите три тима треба да играат со Тотенхем, Астон вила и со Вулверхемптон…
Како и во другите четири првенства, и во Англија, во случај две или повеќе екипи да имаат ист број бодови, решава вкупната гол-разлика. На 10 кола до крајот на шампионатот во Премиер-лигата најдобра гол-разлика од водечките тимови има Арсенал, плус 46, а потоа се Ливерпул со плус 39 и Манчестер сити со плус 35. Ако тимовите се израмнети и со гол-разликата, потоа решава вкупниот број постигнати голови (во моментов Арсенал 70, Ливерпул 65, Манчестер сити 63).
Сите три тима се вклучени и во европски натпревари (во Лигата на шампионите Манчестер сити е во четврт-финалето, Арсенал денеска игра реванш-меч во осминафиналето, во Лига Европа, Ливерпул треба да игра втор дуел од осминафиналето), а во ФА-купот во четврт-финалето викендов играат Манчестер сити (со Њукасл) и Ливерпул (со Манчестер јунајтед). Н.М.


БОДОВНА РАЗЛИКА

Италија 16 17
Германија 10 14
Франција 10 11
Шпанија 7 8
Англија 1 1

колоните се бодовната разлика на водечкиот со најблиските ривали, во првата со второпласираниот, а во втората со тимот на третото место