Фото: Маја Јаневска-Илиева

Осми март. Светот го слави Меѓународниот ден на жената. Тоа е ден на кој со восклик на признание им се оддава почит на жените и нивните достигнувања во сите општествени области: науката, културата, политиката, економијата, сѐ на сѐ, во општеството во целина! Зошто е важно тоа? Наведуваме неколку силни причини за одговор на тоа прашање, кои ги издвојува реномираниот „Хјуман рајтс кариерс“:

ОСУМ ПРИЧИНИ ДА СЕ ОДБЕЛЕЖИ 8 МАРТ

1. Историски значаен ден
Меѓународниот ден на жената е глобален настан што се фокусира на правата на жените и родовата еднаквост. Тој настана како дел од движењата за работнички и гласачки права, во 1910 година, кога Клара Цеткин, германска комунистка/социјалистка и активистка за правата на жените, на конференција ја предложи идејата за меѓународен ден. Стоте присутни жени, кои претставуваа 17 земји, се согласија. Првиот Меѓународен ден на жената беше прославен во 1911 година, во Австрија, Данска, Швајцарија и во Германија. Дури во 1977 година Обединетите нации го усвоија 8 Март како глобален празник. Разбирањето на потеклото на Меѓународниот ден на жената ни помага подобро да се држиме до духот на денот: радикални промени! За подобро!
2. Меѓународниот ден на жената ја истакнува работата што останува да биде завршена
Додека Меѓународниот ден на жената слави до каде стигнале правата на жените и родовата еднаквост, исто така е важно да се препознае што сè уште треба да се направи!
Студијата објавена во „Лансет“ покажа дека жените сѐ уште доживуваат дискриминаторски социјални, економски и политички последици од мажите. Ќе биде потребен концентриран напор за да се сменат ефектите.
Според Обединетите нации, жените сочинуваат 70 отсто од 1,3 милијарда луѓе во светот што живеат во сиромаштија.
Од раселените поради катастрофи поврзани со климата, 80 отсто се жени и девојчиња. Пандемијата ги влоши работите и за жените и за девојчињата.
3. Меѓународниот ден на жената е ден што ги поврзува луѓето од целиот свет
Како што кажува името, Меѓународниот ден на жената е ден за славење на глобално ниво, за издигање на свеста за работата, залагањето, посветеноста, но и предизвиците со кои се соочуваат жените. Тоа е исто така одлична можност за вмрежување и поврзување со луѓе посветени на родовата еднаквост. Благодарение на медиумите, интернетот и социјалните мрежи, поврзувањето на меѓународно ниво е многу полесно отколку во минатото. Врските направени поради Меѓународниот ден на жената може да доведат до долгорочна соработка, пријателства и огромна морална, па и материјална поддршка.

4. Меѓународниот ден на жената е можност да размислиме за сопствениот живот
Нашиот свет има долга историја на дискриминација на жените (што има вкрстени импликации), така што секој може да има предрасуди, без разлика дали го знае тоа или не. Меѓународниот ден на жената дава можност да размислите за вашите сопствени верувања и да направите личен акциски план. Размислете за области во кои можеби сте необразовани или за кои може да имате предрасуди, кои вклучуваат пол, сексуалност, раса итн. Посветете се да бидете повеќе свесни за вашите постапки и да се едуцирате преку книги, часови или други ресурси.
5. Можност во образованието, во институциите и во компаниите да се издига свеста за улогата на жената во општеството
Додека правата на жените и родовата еднаквост се секогаш важни теми за учење, меѓународните денови се можности за пофокусирано образование и издигање на свеста. Со одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, има концентриран прилив на информации при образование што вообичаено не е присутен (реферат на училишниот разглас, теми за училиштен состав или цртеж за награда, квизови и друго). Училиштата можат да најдат ресурси онлајн или да бидат домаќини на настани, работилници и други соработки. Секоја организација (институција, фирма, корпорација) може да ги искористи можностите на Меѓународниот ден на жената за да се фокусира на правата на жените што се најрелевантни за нејзината мисија.
6. Можност да се проверат корпорациите што тврдат дека се прогресивни
Многу корпорации го користат јазикот на напредокот и ветувањето за родова еднаквост за добро брендирање. Многумина не следат. Меѓународниот ден на жената е одличен ден да се проверат корпорациите и да се види дали тие се залагаат за родова еднаквост, дали тоа е давање пари за каузи или подобрување на еднаквоста во нивната организација. Многу корпорации даваат ветувања за Меѓународниот ден на жената, затоа забележете ги сите што се пример и сите што треба да го следат тој пример. А кога ќе дојде Меѓународниот ден на жената, тоа е одлична можност да се донира (од корпорациите) кон организациите што работат за родовата еднаквост и правата на жените. Има многу кон кои можат корпорациите да донираат, вклучувајќи и меѓународни организации како Центарот за репродуктивни права, „Амнести интернешнел“, „Сејв д чилдрен“ и „Глобал грасрут“. Многу локални организации и активисти планираат специјални кампањи за Меѓународниот ден на жената, затоа проверете ја вашата локална област ако сакате да донирате или да промовирате настан за собирање средства.

7. Меѓународниот ден на жената е повик за акција
Меѓународниот ден на жената е важен затоа што во неговата суштина, тоа е собирен крик! Некои можеби го користат за да промовираат поглед на светот во розова боја, но тоа е суштински потсетник дека напредокот не се доаѓа случајно. Сите достигнувања и успеси што светот ги слави не се дојдени лесно, но тие докажуваат што е можно. Како повик за акција, Меѓународниот ден на жената ни кажува да погледнеме каде сме биле, да видиме до каде сме стигнале и да продолжиме да се бориме за повеќе.
8. Сепак, Меѓународниот ден на жената е можност да се прослават достигнувањата на жените
Историјата е полна со важни настани што го направија светот подобро место. Жените отсекогаш играле суштински улоги во движењата за гласачки права, граѓански права, работнички права, детски права и многу повеќе. Тие исто така постигнаа големи работи на секое поле, вклучувајќи ги и медицината, науката, литературата и политиката. Меѓународниот ден на жената е одлична можност да се препознаат сите овие успеси.
Ете, затоа Меѓународниот ден на жената е навистина важен и затоа навистина треба да се одбележува со чест и почест! Да живее 8 Март, Меѓународниот ден на жената!