Фото: ЕПА

Од Европа досега се пласираа Манчестер сити, Реал Мадрид и Челси како победници на Лигата на шампионите во претходните три сезони, и Баерн, Пари сен Жермен, Интер, Порто, Бенфика и Борусија Дортмунд преку ранг-листата на УЕФА. На СП 2025, Европа ќе има вкупно 12 клуба, потоа шест од Јужна Америка, по четири од Азија, Африка и од Северна Америка и по еден од Океанија и од земјата домаќин на клупскиот Мундијал

Борусија Дортмунд стана 20-от клуб што го резервира своето место на инаугуративното клупско Светско првенство (СП), објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). На новото натпреварување, на кое ќе настапат вкупно 32 тима и кое ќе се одржи во САД во текот на јуни и на јули в година, ќе настапат клубови од секоја од шесте конфедерации. Од Европа ќе играат вкупно 12 тима, потоа шест од Јужна Америка, по четири од Азија, Африка и од Северна Америка и по еден од Океанија и од земјата-домаќин на клупскиот Мундијал во 2025 година.
Од Европа, Манчестер сити, Реал Мадрид и Челси веќе ги обезбедија своите места како победници на Лигата на шампионите во претходните три сезони. Баерн, Пари сен Жермен, Интер, Порто и Бенфика претходно пополнија уште пет места преку ранг-листата на клубовите на Европската фудбалска унија (УЕФА), врз основа на нивните перформанси во Лигата на шампионите во изминатите четири сезони, вклучувајќи ја и тековната сезона, пишува ФИФА. По мечевите неделава во Лигата на шампионите, на листата со учесници од Европа се приклучи и Борусија Дортмунд.
Победникот сезонава во Лигата на шампионите ќе заземе уште едно место на клупското Светско првенство, како и следните најдоброрангирани екипи. Во случај некој клуб да победи на две или повеќе изданија на најдоброто клупско натпреварување на конфедерацијата во периодот од 2021 до 2024 година, ранг-листата ќе се користи за пласман на клупскиот Мундијал. Ќе се применува ограничување од два клуба по земја, со исклучок во случаите кога повеќе од два клуба од иста земја ја освојуваат Лигата на шампионите на соодветната конфедерација во периодот од четири години. Борусија Дортмунд сега има обезбедено место на Светското првенство за клубови барем преку ранг-листата, пишува ФИФА.
За Европа има уште три места на располагање, едно за победникот на Лигата на шампионите сезонава (освен ако не е меѓу веќе пласираните клубови) и две (или три, во зависност од победникот на Лигата на шампионите) преку ранг-листата. Од Италија, Наполи може да го освои своето место со европска титула или преку рангирањето. Бидејќи Интер веќе има обезбедено место, а најмногу два клуба од една земја можат да се пласираат преку тој пат, од Италија уште Јувентус и Наполи можат да се пласираат на клупското Светско првенство в година преку рангирањето, пишува ФИФА. Од Шпанија, Атлетико Мадрид и Барселона се во игра за претставување на Шпанија на клупскиот Мундијал, покрај Реал Мадрид. И Атлетико Мадрид и Барселона можат да се пласираат преку двете патеки. Од Австрија, Салцбург моментно е рангиран на 18-то место на европската ранг-листа и би можел да има корист од правилото според кое најмногу два клуба од една земја можат да се пласираат на клупското Светско првенство, пишува ФИФА. Н.М.


ДОСЕГА ПЛАСИРАНИ ОД ЕВРОПА НА СП 2025

Челси (Англија) европски првак во 2021 г.
Реал Мадрид (Шпанија) европски првак во 2022 г.
Манчестер сити (Англија) европски првак во 2023 г.
Баерн (Германија) ранг-листа на УЕФА
Борусија Д. (Германија) ранг-листа на УЕФА
Пари сен Жермен (Франција) ранг-листа на УЕФА
Порто (Португалија) ранг-листа на УЕФА
Бенфика (Португалија) ранг-листа на УЕФА
Интер (Италија) ранг-листа на УЕФА
Европа вкупно ќе има 12 клуба на СП 2025