Хумани граѓани ги собраа парите потребни за лекување на тригодишната Срна, за помалку од 24 часа откако родителите на девојчето, Трајче и Васка Панови, испратија апел за собирање донации. За неполн ден собрани се речиси милион денари.
Срна во октомври 2023 развива сепса како последица на уринарна инфекција што преоѓа во тешка форма на пиелонефрит и остава трајни оштетувања на левиот бубрег. По лекувањето се открива хидронефроза и камен од 11 милиметри во левиот бубрег. Додека семејството се бори со административните процедури за лекување надвор од државна клиника, Срна добива нова сепса. Моментно е хоспитализирана во приватна болница, каде што постои можност за нови испитувања, оперативно лекување и нејзино целосно опоравување.
Донираните средства ќе бидат искористени за сегашниот престој во болница (за лекување на сепсата), контролите, новите прегледи (магнетна резонанца со анестезиолошка припрема, ехо, цистографија) и на крај за оперативниот зафат за отстранување на каменот и хидронефрозата. Овие интервенции ќе чинат најмалку 922.500 денари.