Фото: Маја Јаневска-Илиева

Надлежните гласно предвидуваат и очекуваат дека ќе ѝ се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. Едни економски експерти се согласни дека е потребен и е добредојден за да се заштитат интересите на производителите, потрошувачите и на државата, додека, пак, други велат дека е несериозно да се каже дека овој закон ќе го реши проблемот, а од друга страна да се дава период од шест месеци за адаптација…

ЗАКОНОТ ЗА ЗАБРАНА НА НЕФЕР ТРГОВСКИ ПРАКТИКИ ПОМИНА НА ЗАКОНОДАВНОПРАВНАТА КОМИСИЈА

Законот за забрана на нефер трговски практики вчера помина на Законодавноправната комисија. Како што е наведено во образложението, со донесувањето на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и доставувачи) што се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производството, преработката, маркетингот, дистрибуцијата и малопродажбата на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Властите се оптимисти за иднината и ефектите од Законот за забрана на нефер трговски практики

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува законот да биде на пленарна седница на 11 или 13 март и да биде изгласан, по што, по објавата во „Службен весник“, ќе се отвори јавна расправа.
Бектеши уверува дека ќе нема енормно зголемување на цените на производите во периодот додека да почне целосната примена на законот, а особено на производите за кои до крајот на минатиот месец имаше гарантирани цени.
Како што е наведено во образложението, со донесувањето на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и доставувачи) што се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производството, преработката, маркетингот, дистрибуцијата и малопродажбата на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување земјоделски и прехранбени производи.
Со предлог-законот се обезбедуваат поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата, која добива дополнителна надлежност. Надлежните очекуваат дека ќе ѝ се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. Едни економски експерти се согласни дека е потребен и е добредојден за да се заштитат интересите на производителите, потрошувачите и на државата, додека, пак, други велат дека е несериозно да се каже дека овој закон ќе го реши проблемот, а од друга страна да се дава период од шест месеци за адаптација.

Од Организацијата на работодавци велат дека Законот за забрана на нефер трговски практики не е магично стапче

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци, вели дека не верува дека новиот закон за нефер трговски практики ќе претставува „магично стапче“.
– Уште во времето на дискусиите за ова законско решение, реагирав и укажав дека законот би имал поголемо влијание доколку неговото спроведување односно контролата му беше доделена на Државниот пазарен инспекторат. Вака, како што е предложено, самите производители ќе треба да ги пријавуваат трговците, што е нелогично, имајќи предвид дека тие зависат од нив. Односно, се ставаат во ризик, доколку пријават, во иднина нивните производи да не бидат нарачувани – споменува Димитров, додавајќи дека и со овој закон може да се повтори приказната на Законот за финансиска дисциплина, кој не ги даде очекуваните ефекти.
Некои од експертите со кои се консултиравме истакнаа дека со законот ќе се направи приспособување со европските регулативи и дека тоа е добро, но, од друга страна, кај нас се настојува да се вметне регулација на цени, и тука има сериозни забелешки, односно отворени прашања.
Тие велат дека прашањето е дали сите производи односно за сите може да се стави уравниловка и да се стават во тој рабат од 10 проценти плус трошоци затоа што има многу различни производи во пракса. Едни имаат многу повеќе директни трошоци за синџирот на снабдување, а од друга страна има производи што имаат многу помалку трошоци. И таа уравниловка не е добра и треба да се размисли за решение на законот.
Додека, пак, од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека на овој закон треба да му претходат реформи и самоиницијативи на институциите што го мониторираат и регулираат пазарот, со што не би се дозволила злоупотреба на „монополските“ позиции на одредени субјекти, со цел нашиот пазар да стане инклузивен за сите што чесно и формално учествуваат во него.
– Законот не треба да има ограничувања од типот на големина на субјект или категоризација на производи, туку треба да биде сеопфатен и за производите од широка потрошувачка. Ние сметаме дека, наместо законот, Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да ги зголемува капацитетите и да ја игра својата улога во пазарот. Стопанската комора на Северозападна Македонија пред пет години го има донесено Кодексот на добра деловна практика, кој цели да ги едуцира компаниите за фер и добра деловна практика, бидејќи сметаме дека тоа е единствениот начин на конкретно придонесување кон позитивна промена – нагласуваат од комората.
Оттаму сметаат дека во насока на сузбивање на нелојалната конкуренција, овој закон има добри предиспозиции да помогне, но не треба законот да прави сегрегација на некои сектори или компании бидејќи така некои се пенализираат, а други се „амнестираат“ од ваквиот пристап, кој го гледаме веќе неколкупати, вклучувајќи го и Законот за солидарност. Кога станува збор за закони од економскиот карактер, тие велат дека клучно е претходно институциите да се консултираат со стопанските комори, со цел да се постигне максимално посакуваниот ефект на тие закони или законски одредби.


Продукти што ќе бидат со маржа до 10 отсто

Министерството за економија подготви список со над 2.500 производи што кога ќе стапи во сила Законот за забрана на нефер трговски практики ќе бидат со маржа до 10 отсто, а доколку се согласат трговците, таа може да биде и пониска.
На листата се најдоа видови млеко и павлаки, јогурт, видови сирење, мед, компир, домат, кромид, лук, краставици, видови грав и грашок, блитва, ананас, боранија, леќа, авокадо, видови портокали, мандарини, лимон, грозје, лубеници, вишни, видови кафе, житни производи, видови колбаси, дел од конзервираната храна, шеќерoт, слатки, колачи, какао и производи од какао, џемови, путер од кикиритки.
Ова се само дел од производите што нема да може да имаат маржа повисока од 10 проценти. Може да се забележи дека на списокот се најдоа и производи што се сметаат за луксуз.
Министерството за економија ќе ја прати оваа листа до стопанските комори и до Организацијата на потрошувачите. Ќе се трансформира во правилник кога законот ќе стапи во сила и ќе биде објавен во „Службен весник“. Целта е да се стави крај на манипулациите со цените, соопштија од Министерството. Е.Р.