За една недела, најдоцна десетина дена, го очекувам извештајот, по што ќе видиме кога најбргу ќе можеме да го имплементираме ВАР, вели Чеферин, претседателот на УЕФА
Системот видеопомошник-судијата (ВАР) би можел да се користи во нокаут-фазата во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава, најавија претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, и претседателот на Европската клупска асоцијација (ЕКА), Андреа Ањели. УЕФА веќе потврди дека ВАР ќе се воведе од следната сезона и оти подготовките се во завршна фаза.
– Веќе ги почнавме сите неопходни работи. Шефот на судиите, Роберто Росети, и неговиот тим се многу добри, како и другите технички аспекти. За една недела, најдоцна десетина дена, го очекувам нивниот извештај, по што ќе видиме кога најбргу ќе можеме да го имплементираме ВАР. Тоа би било најдоцна следната сезона – вели Чеферин.
Од оваа сезона ВАР се користи и во шпанската Ла лига, по успешната проверка на Светското првенство (СП) годинава во Русија. Италијанската Серија А, германската Бундес-лига, француската Лига 1, австралиската А-лига и американската МЛС, исто така, користат ВАР, а во англиската Премиер-лига тоа ќе се случи од наредната сезона. Има многумина што се разочарани, па и незадоволни што ВАР го нема сезонава во ЛШ, вклучувајќи го и претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи. Тој сметаше дека неговиот тим е оштетен на мечот со Наполи, кој заврши 1-1.
– ВАР е итно потребен, што е можно побрзо. Загубивме два поена поради две грешки од судијата – рече Ал-Келаифи.
На мечот Манчестер сити – Шахтар (6-0), унгарскиот судија Виктор Касаи досуди бизарен пенал за Сити во ситуација кога Рахим Стерлинг ја промаши топката, ја шутна тревата и падна. Со ВАР сигурно ќе беше избегнат ваков смешен судиски кикс и немаше да биде оштетен тимот, во случајов Шахтар.