Жителите на Источниот брег на САД се со илјадници километри оддалечени од Западниот брег и пожарот што ја зафати Калифорнија.
Иако се на безбедно растојание од пожарот, и тие оваа недела ги чувствуваат неговите последици.
Според фотографиите и проекциите на Националното здружение за океани и атмосфера, облаците чад од големиот Камп пожар, но и од другите пожари во Калифорнија, минале повеќе од 3000 километри и стигнале до Њујорк. Како што пишува Си-Ен-Ен, ќе го продолжат својот пат кон Атлантскиот Океан.
Фотографиите на Њујорк објавени во понеделникот вечер потврдуваат дека чадот е видлив и дека формирал еден вид измаглица на хоризонтот.
Метеоролог на Си-Ен-Ен појасни дека може конкретно да се одреди дали станува збор за измаглица која е честа во густо населените подрачја или навистина станува збор за облак од чад.
– Кога чадот ќе се крене до горните слоеви на атмосферата, може да патува ширум земјата, па и понатаму. Но, што подалеку патува, потешко е да се одреди како облак од чад, бидејќи честичките од чад исчезнуваат. Заради тоа тие облаци можеме да ги видиме при заоѓањето или при изгревањето на сонцето – појасни Џадсон Џонс, метеоролог на Си-Ен-Ен.
Си-Ен-Ен потсетува дека истата појава се случила и овој август, по пожарот во Мендосин комплексот.
Во Камп пожарот загинаа најмалку 79 луѓе, а иако облакот чад во Њујорк само се наѕира, луѓето што се блиску до пожарот се во опасност поради вдишување чад.