Граѓаните свесно се доведени во заблуда и некој за тоа треба да понесе одговорност бидејќи не само што ги излажал и ги изманипулирал туку и непотребно ги изложил на дополнителен трошок
Пропустот со личните документи е вина исклучиво на надлежните институции
Хаосот што настана во државата со промената на личните документи можеше да биде навремено превениран доколку надлежните институции навреме ги набавеа потребните обрасци, наместо до пред една година да им издаваат документи на граѓаните со старото име на државата.
Проблемот настана во оној момент кога надлежните, иако знаеја дека рокот на сите документи истекува на 12 февруари во согласност со одредбите во Преспанската спогодба, сепак продолжиле со нечиј потпис и печат и натаму да набавуваат обрасци и да издаваат лични документи со старото име и во нив да впишуваат десетгодишен рок за важност, иако знаеле дека ваквите документи нема да важат по 12 февруари. Притоа не ги информирале граѓаните дека нивниот документ наместо 10 години, како што пишува, ќе важи само година-две, во зависност од тоа кога е издаден. Со други зборови, граѓаните свесно се доведени во заблуда и некој за тоа треба да понесе одговорност бидејќи не само што ги излажал туку и непотребно ги изложил на дополнителен трошок.
– Во 2021 година вадев нов пасош и тогаш повторно ми дадоа образец со старото името на државата и печат внатре дека е сопственост на „северна“, исто како претходниот што ми истече. Платив 1.800 денари, плус административни такси. Сега ќе ми каже ли некој зошто ми напишаа на пасошот дека ќе ми важи до 2031 година, кога знаеле дека по 12 февруари 2024 година ваквите пасоши нема да важат? Барем да пишеа дека пасошот ќе важи до 2024 година, да ја намалеа цената за половина и, најважно, да ме информираа. Можеби ќе почекав пет-шест месеци да добијат нови обрасци и ќе си извадев пасош со „северна“ уште тогаш, за да не морам сега да го менувам и повторно да плаќам, плус и да се нервирам. Ако така направеа пред три години, сигурно голем број граѓани сега немаше да се туркаат за нови документи – вели револтирано Игор Симоновски од Скопје.
За да се ублажи малку штетата од неважечките документи и хаосот што би настанал со неможноста да се користат возачките дозволи без „северна“ и внатре во државата, пратениците во македонското собрание завчера во последен момент со 90 гласа „за“, без ниту еден „против“ и без „воздржани“, по брза постапка ги изгласаа измените во Законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможи датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо до 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година.
Сепак, оваа козметичка интервенција е во насока да им се овозможи на граѓаните внатре во државата дополнителен рок за користење на возачките дозволи додека не се заменат со нови, но проблемот со пасошите и натаму останува без решение, бидејќи повеќе стотици илјади граѓани веќе не можат да излезат од државата ако не поседуваат патна исправа со новото име со географска одредница.
Дел од правните експерти во земјава оценуваат дека иако дел од личните документи и по истекот на рокот ќе важат само за внатрешна употреба, штетата е веќе направена бидејќи надлежните не ги информирале граѓаните дека рокот на нивните документи истекува на 12 февруари, но уште повеќе, некој набавувал стари обрасци иако знаел дека тие повеќе нема да важат и за тоа се потрошени пари на граѓаните, односно оштетен е буџетот.
– Институциите мораше да ја предвидат оваа работа. Во МВР морало да има подобра организација, да има луѓе што навремено ќе ја направеле потребната процена колку обрасци се потребни, со која динамика се одвива издавањето на документите, за да може навремено да се започне со промена на документите и така ќе се избегнеше сегашната ситуација. Се знаеше дека рокот е 12 февруари и повторно ништо не беше преземено, немаше ниту оперативен план за изработка – вели адвокатот Владимир Туфегчиќ.
Според него, одговорност мора да има од едноставна причина што во изминатите пет години се набавувани и изработувани лични документи со стариот формат и при издавањето лични документи со стариот формат надлежниот орган на управата не презел ниту едно дејство со цел навремено известување на граѓанинот дека рокот на важност на стариот формат истекува на 12.2.2024 година.
– Тој имал обврска да го направи тоа со запишување на рокот на важност до 12.2.2024 година во самиот документ или при издавањето на документот истовремено да му достави писмено укажување на граѓанинот за крајниот рок на важност. Доколку се постапело на овој начин, денеска состојбата на работите ќе беше поинаква, а странката ќе се сметало дека е навремено известена. Во секој случај штетата е направена и одговорноста е на менаџерскиот тим во МВР и затоа на потег е ОЈО за ГОКК, во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници – констатира Туфегчиќ.
Пензионираниот професор по административно право Борче Давитковски, во изјава за Телма, рече дека оној што нарачувал обрасци за лични документи во 2019 година со старото уставно име, веднаш треба да биде повикан во Обвинителството да даде отчет.
– Според мене, јавниот обвинител уште денеска треба да го повика оној што во 2019 година нарачувал стари обрасци, кои беа во употреба до 2021 година. И сега на крајот, тогаш кога се велеше дека ќе продолжат да важат, а се знаеше дека нема да важат, бидејќи тоа е меѓународен договор, тој треба да биде повикан од јавниот обвинител и да даде отчет, бидејќи на овој начин се кршат многу права на граѓаните. И тоа уставно загарантирани права – истакна Давитковски.
Должност и одговорност
Според нашите соговорници, професори и социолози, за подобро да се разбере одговорноста, јавноста би требало да биде запознаена со фактот дека „концептот на одговорност е изведен од еден повисок концепт, а тоа е концептот на должност“!
– Кога некој ќе преземе некоја должност, тој станува одговорен за тоа како ја извршува таа должност. Ако некој добро ја извршува својата должност, тогаш тој станува заслужен за тоа. Обратно, доколку не ја извршува добро должноста, тогаш носи вина за тоа. Така, се воспоставува логичен редослед: должност – извршување на должноста – одговорност – вина или заслуга“!
Според професорите по социологија, преземањето должност автоматски подразбира ветување дека во случај на неисполнување на таа должност, оној што ја презел должноста подготвено ќе прифати одредени негативни последици за себе. Во краен случај, барем ќе се обиде да стори сѐ за да го реши проблемот или да направи нешто за да ги намали штетните последици од неодговорното работење.
Зборот „одговорност“ доаѓа од зборот „да одговори“, односно „да зборува“, што претпоставува дека одговорното лице е тоа што треба да одговори на одреден предизвик.
– Одговорноста може да се сфати како одговорност на поединци или групи на луѓе за нивните постапки пред други поединци, групи луѓе или пред целата општествена заедница. Во случај овие постапки да не се во согласност со општествените правила на однесување, одговорните носители на должноста ќе ги трпат последиците на социјалната осуда (има различни облици на осуда за неодговорност: политичка, административна, правна, морална итн…) за таквите постапки.
Форми на одговорноста: Политичка одговорност, административна одговорност, морална одговорност…
Одговорноста се јавува во повеќе форми, од кои секоја има различен ефект врз предметот на одговорност. Иако овие форми имаат различни ефекти, на некои места се преклопуваат и некои од формите имаат многу сличности.
Одговорноста е централен општествен феномен поврзан со проблемите во јавниот сектор, но и во индивидуалниот контекст. Во однос на носителите на одредена должност, терминот одговорност се однесува на признавање и преземање одговорност за (не)преземени мерки и активности акции, одлуки и политики, вклучувајќи администрација, управување и имплементација во рамките на улогата или позицијата на одговорното лице, вклучувајќи одговорност за резултирачките последици.
– Политичката одговорност се однесува на одговорноста на извршната власт, јавниот сервис и политичарите кон граѓаните, како и кон парламентот. Таа може да има две форми, како политичка одговорност на власта кон граѓаните, како и политичка одговорност на извршната власт пред законодавната. Првата форма често се доведува под граѓанска лупа во пракса. Политичките ветувања на носителот на извршната власт често се неисполнети и остануваат само ветувања. Што се однесува до вториот облик, политичката одговорност на извршната пред законодавната, мора да се земе предвид факторот што е во составот на законодавното тело. Доколку владејачката партија доминира во Собранието, мали се шансите да се изгласа недоверба на Владата.
– Етичката одговорност (или морална одговорност) се однесува на практики и принципи што се воспоставени и имаат цел да го подобрат стандардот на индивидуално и групно однесување. Етичката одговорност игра сè поважна улога во академските области како што се лабораториските експерименти и теренските истражувања. Тоа се манифестира во свесно чувство на должност да се однесуваме чесно и праведно со другите во секој случај, исто како што би се однесувал кон себе и кон своите интереси.
– Административната одговорност се однесува на одговорноста на државните службеници во државната администрација. Во рамките на институциите (Владата, министерства, управи, агенции, дирекции итн.), тоа се однесува на однесување поврзано со правила и прописи. Постојат надзорни тела што го следат и бараат одговорноста на институциите.
– Правната одговорност е најекспресивната и најефективна одговорност на општеството. Низ историјата нејзината примена била поврзана со државните органи и пред сè со посебните органи на принуда. Тоа што државата преку своите органи утврдува правна одговорност и применува санкции, ја карактеризира одговорноста како присилна и наметната. Правната одговорност е поврзана со постоење правен деликт. А правен деликт постои кога е повредена валидна правна норма. Правната одговорност за изразен деликт повлекува законска санкција. Законската санкција, за разлика од другите видови санкции, е присилна мерка што ја презема надлежниот орган.