Фото: ЕПА

Во согласност со традицијата, медалите се златни, сребрени и бронзени, но, за разлика од кој било од приближно 36.600 медали што биле доделени од ЛОИ 1896, секој од нив ќе биде украсен со мало парче од Париз и симболот на Франција, Ајфеловата кула, пишува ИОК

ЗА ЛОИ 2024 ВО ПАРИЗ

По неколку месеци треба да почнат Летните олимписки игри (ЛОИ) и Параолимписките игри во Париз, а спортистите сега ја знаат наградата што ќе ја добијат доколку се качат на подиумот, откако беше објавен дизајнот на олимписките и на параолимписките медали, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). И, без разлика дали се златни, сребрени или бронзени, сите тие ќе содржат многу посебно парче метал, кое некогаш било дел од Ајфеловата кула.
Медалите што ќе им се доделуваат на спортистите на претстојните Игри беа откриени вчера, во седиштето на Организацискиот комитет на ЛОИ 2024. Во согласност со традицијата, медалите се златни, сребрени и бронзени. Сепак, за разлика од кој било од приближно 36.600 медали што биле доделени од Летните олимписки игри во 1896 година во Атина, првите модерни олимписки игри, секој од нив ќе биде украсен со мало парче од Париз и симболот на Франција, Ајфеловата кула, пишува ИОК. Одлуката дојде од желбата да се направат медалите уникатни и единствени, како што објаснува Тони Естанге, претседател на Организацискиот комитет на ЛОИ 2024.

– Направена е огромна работа за да се обидеме да се спојат овие благородни метали, злато, сребро и бронза, со најскапоцениот метал во Ајфеловата кула. Значи, она што е специфично за медалите од 2024 година е тоа спојување, таа фузија, таа легура. Она што е влијателно за годинава, ќе биде да се има дел од оригиналниот метал на Ајфеловата кула, железото, во овие различни медали и затоа ова е тоа што сакавме да го направиме, на сите спортисти од 2024 година да им го дадеме тој метал – вели Естанге.
Тоа беше предизвик што го презеде „Шоме“, експертскиот производител на накит познат во светот по своите неверојатни креации, пишува ИОК.
На секој медал, оригиналното железо од Ајфеловата кула е пресечено во шестаголник. Без својата вообичаена боја „кафеава на Ајфеловата кула“, железото е оставено во својата оригинална боја. Сместено во центарот и врежано со амблемот на Игрите во Париз годинава, ова парче наследство елегантно се вклопува меѓу златото, среброто и бронзата за да им даде на медалите двобоен ефект, пишува ИОК. Исто така, на истата страна, тенки линии се проектирани во неправилни интервали насекаде околу железниот шестаголник. Овие зраци носат сјај на медалот што не е нималку мазен. На сите олимписки и параолимписки медали на работ им е врежано името на спортот, дисциплината и настанот. Овие натписи се напишани на француски на олимписките медали и на англиски на параолимписките, соодветните официјални јазици на Интернационалниот олимписки комитет и на Интернационалниот параолимписки комитет, пишува ИОК. Н.М.