Собранието денеска во рамки на 140. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш побара тој да биде повлечен, но владејачкото мнозинство не го изгласа предлогот.
Пратеникот Александар Николовски рече дека постојат огромни сомнежи за криминал во лотарија, европското знаменце е злоупотребено, а спорни се и доделувањето четири лиценци за игри на среќа.
-Да поедноставам на телефон да можат децата да се обложуваат или да се коцкаат – рече Николовски додавајќи дека на законот е потпишан министерот Артан Груби потсетувајќи дека законот не може да важи ретроактивно.
Собранието ги изгласа одлуките за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина и во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации УНИФИЛ, во Република Либан.
Пред усвојувањето на дневниот ред на седницата, пратениците повеќе од еден час ја разгледуваше потребата за носење на преку дваесет закони по скратена постапка.
Меѓу нив се предлозите на закони за борба со допингот во спортот и негово спречување, изменување и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители, за гаранција на Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за регионална гасификација, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, за реализација на Стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, за реализација на стратешкиот инвестиционен проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје и за реализација на стратешкиот инвестиционен проект соларна електрична централа – Пехчево.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи образложувајќи ги предлозите кажа дека проектот Стипион треба да помогне во обезбедувањето на енергија, и оти за првпат после триесет години од нашата независност ќе се гради голем инфраструктурен проект кој што ќе обезбеди над 60 отсто од вкупното домашно произвидство на хидроелектраните.
Во однос на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје, вицепремиерот Битиќи рече дека законот ги уредува општите карактеристики на проектот, правата и обврските на стратешкиот инвеститор, роковите за постапките за кои нема пропишани рокови во важечките прописи со цел да се осигура навремена реализација на проектот, понатаму договорните односи помеѓу стратешкиот инвеститор, владата и купувачот АД ЕСМ како и надзорот над реализација на проектот. Со проектот се очекувад а се постигне намалување на загадувањето на воздухот во градот Скопје во зимскиот период…
ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараа на дневен ред да не бидат законите за Соларната централа Пехчево, за Соларниот парк Стипион и за Гасна когенеративна постројка – Митилинеос, за игри на среќа…
Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во однос на когенеративната гасна централа Митилинеос до пратениците било испратено писмо од Здружението на инжинери, дека компанијата ќе добива државна помош од 50 милиони евра, како и дека во сопственоста на постројката нема да влезе државата. Според Ристески, овој договор е штетен за државата.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ бараше измените и дополнувањето на Законот за Академија за судии и обвинители да не се става на дневен ред бидејќи со повторно воведување на можност за писмено полагање се дерогира квалитетот на идните судии и обвинители. Според Милошоски тоа се прави за ставање на списокот на кадри на СДСМ и на ДУИ.
Седницата ќе продолжи во 16:00 часот.