Два протеста се одржаа денеска против најавената изградба на станбените висококатници на просторот зад бензиската пумпа на „Макпетрол“ во скопски Карпош. Едниот се одржа на платото пред СРЦ „Борис Трајковски“ во организација на „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ со подршка на голем дел граѓански организации и здруженија, а другиот, во организација на Левица, се одржа во близина на градилиштето.
Двете групи протестанти побараа да се поништи издадената градежна дозвола и да не се дозволи изградба на овој комплекс кој, според нив, се гради во заштитена зона. Тие со транспаренти порачаа дека „Карпош не е сопственост на Стевчо“, дека никој не е над законот, дека општината е на граѓаните и дека профитот не е пресуден.
Од „Независни за Карпош“ се надеваат дека ќе се поништи дозволата за градба, а како причина го наведуваат веќе еднаш издаденото негативно мислење кое подоцна беше издадено како позитивно конзерваторско мислење од поранешниот директор Константин Димитров.
Обвинителство: Срушиле хотел во Скопската чаршија заштитен како културно наследство, сакале да го продадат земјиштето
Од Општина Карпош реагираат дека протестот бил политички организиран и не ја изразувал волјата на мнозинството граѓани.
-Општина Карпош продолжува да се развива. Ова е наша последна инвестиција која успеавме да ја донесеме која носи со себе вработувања, развој и комуналии кои ќе значат проекти за граѓаните на Карпош – се наведува во соопштението на Општината.
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски неодамна изјави дека новите згради кај „Алумина“ предвидени во Деталниот урбанистички план, се современи објекти како што има во Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија и во Белград.