Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека си „игра со животите на украинските затвореници“ по смртоносната авионска несреќа во западна Русија. Тој бара меѓународна истрага по несреќата што се случи вчера во Белгородската област во близина на украинската граница.
Од друга страна, Русија соопшти дека нема преживеани откако, како што тврдат, украинските сили го собориле авионот „Ил-76“ со 65 украински воени заробеници, шестмина руски членови на екипажот и тројца чувари. Москва тврди дека Украинците биле во авионот заради размена на затвореници.
Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека не и било кажано да осигура безбеден воздушен простор, како во претходните прилики на трансфер на воени заробеници.
Во своето видео обраќање доцна синоќа, Зеленски рече дека „очигледно е дека Русите си играат со животите на украинските затвореници, со чувствата на нивните роднини и со емоциите на нашето општество“.
Зеленски, кој денеска го откажа планираното регионално патување поврзано со неговиот роденден, нагласи дека „мора да се утврдат сите факти“.
Вчерашните изјави на украинската воена разузнавачка служба се сметаат, според Би-Би-Си, за премолчено признание дека го соборила воениот транспортен авион, иако нагласи дека нема веродостојни информации за тоа кој бил во авионот.
Генералштабот на Украина првично соопшти дека авионот превезувал ракети за руските системи за воздушна одбрана С-300. Тој не ги спомна воените заробеници.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска повтори дека украинците го собориле авионот, окарактеризирајќи го како „монструозен чин“. Тој вели дека заробениците биле превезувани кон Белоградската област со цел со Украина да се изврши размена на затвореници. Вчера размената беше откажана. Тој дополни дека „никој не може да каже“ како овој инцидент ќе влијае на програмата за размена на заробеници.
На барање на Москва, денеска на оваа тема, со почеток во 23 часот, итна седница ќе одржи Советот за безбедност на Обединетите нации.