Руското Министерство за одбрана објави дека повеќе од 60 странски платеници, главно Французи, биле убиени во текот на вчерашниот ден во прецизен напад врз зграда во Харков.
Меѓутоа, локалните власти на Харков наведуваат дека во тој напад се ранети 17 лица, додека француското Министерство за надворешни работи се уште не ги коментира тврдењата на Москва.
Францускиот претседател Емануел Макрон од Давос изјави дека не смее да и се дозволи на Русија да победи во војната со Украина и дека Европа мора да му помогне на Киев.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека во светот нема доволно производство на оружје за да се задоволат потребите на Украина.
Во исто време, Русија и Централноафриканската Република избираат локација за руска воена база во таа земја, соопшти руската амбасада. Се уште не се знае колку војници ќе бидат распоредени во базата, ниту кога тоа ќе се случи.
Белорусија најавува дека во тесна алијанса со Русија ќе воведе нова воена доктрина која за прв пат предвидува употреба на нуклеарно оружје.