Фото: Фејсбук/Официјален профил на Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападите врз Појасот Газа би можеле да продолжат во 2025 година, јавува „Анадолија“.

Нетанјаху даде одредени оценки за нападите на Израел врз Газа на состанокот во Биру Себа, во близина на Појасот Газа, на кој присуствуваа високи безбедносни претставници, како и локални претставници, објави израелскиот „Канал 12“.

Според медиумскиот извештај, Нетанјаху на официјалните лица на состанокот им рекол дека „според сегашната проценка, израелските напади врз Газа би можеле да продолжат и следната година“.

Локалните власти му кажале на Нетанјаху дека повеќето Израелци кои го напуштиле регионот каде што живееле, поради ракетни напади од Газа и други безбедносни причини, и не сакаат да се вратат во пограничните региони.

Началникот на Генералштабот Херзи Халеви, на состанокот со Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, изјави дека „добивките постигнати како резултат на нападите во Газа, кои траат повеќе од три месеци, може да бидат изгубени поради неањето план за управување и безбедност на регионот“, јави „Канал 12“.

– Се соочуваме со ерозија на претходните успеси во војната бидејќи не е креирана стратегија за следниот ден – рече Халеви.

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари во изјавата од 1 јануари рече дека очекуваат нападите врз Газа да продолжат во текот на 2024 година, потсетува „Анадолија“.


Се зголемува веројатноста за војна во Либан, соопшти Халеви

Началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал-полковник Херзи Халеви соопшти дека „веројатноста за војна на северот сега е поголема од претходно“.

Обраќајќи им се на војниците во северен Израел за време на вежбата за симулација на офанзива во Либан, Халеви рече дека ИДФ „ја зголемува подготвеноста да се бори во Либан.

– Имаме многу лекции од борбите во Газа, голем дел од нив се многу релевантни за борбите во Либан, и има такви што мора да се прилагодат. Сакаме да постигнеме многу јасна цел во Либан, да ги вратиме жителите на север, сите заедници на север – рече Халеви, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Тој истакна дека не знае кога би можела да се случи војната, но и дека „веројатноста таа да се случи во наредните месеци е многу поголема отколку што била претходно“.