Фото: ЕПА

Комесарот за економија на Европска Унија, Паоло Џентилони денеска предупреди дека насилството во Црвено Море, предизвикано од нападите на Хутите, може да ги зголеми цените на енергијата и да ја зголеми инфлацијата во ЕУ.

– Знаеме дека ја започнуваме оваа година со слаб раст, со некои добри вести на пазарот на трудот, но зголемена е загриженост за надолните ризици предизвикани од геополитичките тензии – наведе Џентилони на почетокот на состанокот на министрите за финансии на ЕУ.

Тој додаде дека тоа што се случува во Црвеното Море во моментот не влијае врз цените на енергенсите и инфлацијата, но оти трева многу внимателно да се следи ситуацијата, бидејќи последиците би можеле да се почувствуваат во наредните недели.

Претседателот на Квинс колеџот во Кембриџ и главен економски советник во гигантот за финансиски услуги „Алијанц“, Мухамед Ел-Еријан денеска за „Би-би-си“ изјави дека поради конфликтот во Црвено Море, на светот му се заканува повисоки стапки на инфлација, повисоки каматни стапки на хипотеките и понизок економски раст.