Повеќемина експерти и познавачи на состојбите посочуваат дека Македонија и Бугарија, а наедно македонскиот и бугарскиот народ, имаат најдобри политички и национални односи непосредно по завршувањето на Втората светска војна, благодарение на позитивната улога на Бугарската комунистичка партија, предводена од Георги Димитров, кон македонското национално прашање. Одредени аналитичари нагласуваат дека поради геополитичката состојба, но и поради одредена грижа на совест поради сојузништвото на Бугарија со нацистичка Германија и со Адолф Хитлер, бугарските политички кругови водат политика на зближување со соседните народи и држави, но и дистанцирање од великобугарскиот национализам, иредентизам и шовинизам. Ова е особено видливо во бугарската политика кон македонското прашање и заложбите за целосно нормализирање на бугарско-македонските односи
Од историските архиви
По завршувањето на Втората светска војна започна новата страница во бугарската официјална политика кон Македонија и Македонците. Познавачите на состојбите се едногласни дека промената на курсот започна со говорот на бугарскиот водач Георги Димитров во бугарското собрание: „Во интерес на процесот на зближување и идното обединување на македонските области од двете страни, нашата партија се согласи да се воведе како задолжителен предмет официјалниот македонски јазик во пиринскиот крај. И допушти како учители, македонски учители од Скопје, како и македонски библиотекари за да ја распространуваат литературата на македонски јазик. Тоа беше доказ дека нашата партија се однесува со најголема симпатија кон обединувањето на македонскиот народ“.
Искажаното било само вовед на настаните што следувале, имено, бугарската влада и држава официјално го признаа постоењето на македонската нација и македонскиот јазик.
На пописот во декември 1946 година како Македонци се попишале 160 илјади граѓани
Оваа позитивна политика кон македонското национално прашање е особено видлива од пописот од декември 1946 година во Пиринска Македонија, кога на Македонците слободно им се дозволува да се изјаснат за својата национална припадност и јазик. Оттука во текот на пописот, од вкупно 252.908 жители на Пиринска Македонија, 160.541 лице се изјасниле како етнички Македонци, а 9.000 лица како Македонци во другиот дел на бугарската држава.
Оваа позитивна политика е очигледна и од повеќе официјални бугарски документи. Тука треба да се спомене и записникот од одлуката на Политбирото на БКП од 15 март 1947 година, каде што се вели: „дека може да се говори само за македонско национално малцинство“, односно за оние што по „национално сознание се чувствуваат како дел од македонската националност“.
Во оваа конотација треба се нагласи дека Бугарија по 1945 година, на македонскиот народ што живее во пиринскиот крај му дава една поширока културна автономија, од која произлегува и отворањето училишта каде што се изучува македонскиот јазик, како и одделно изучување на македонската од бугарската историја.
Оваа позитивна бугарска политика ја доживува својата кулминација во 1948 година, меѓутоа поради одредени геополитички промени, Софија постепено се дистанцира од своите ставови и погледи, а веќе во 60-тите години на 20 век повторно се започнува со негирање на македонските национални особености и асимилација на македонскиот народ.
Ваквата бугарска политика повторно стана актуелна во изминативе години кога Софија повторно започна отворено да ги негира македонската историја и јазик, односно ја негира македонската нација. Бугарското општество се обидува позитивната политика кон Македонците од првите повоени години да ја оправда со резолуцијата на Коминтерната од 1934 година и напорите за создавање на балканска федерација, односно со идеологија, но ваквите тврдења немаат основа.
Експертите едногласни: еднаш стекнато право не може да се негира
Во однос на оваа проблематика се консултиравме со повеќемина експерти, кои се едногласни во своите ставови дека политиката на официјална Софија се судира со правните норми во повеќе аспекти. Во тој контекст, аналитичарот Сотир Костов вели еднаш стекнато право не може да се негира, не може да исчезне. Конкретно, во случајов, бугарското општество не може да ги игнорира одлуките во однос на Македонците, што своевремено ги донеле официјални бугарски органи и тела, толкувајќи ги дека станува збор за идеологија, односно дека под идеолошки диктат биле признаени македонските национални особености. Бугарија како држава со постојаното негирање на македонските национални особености – јазик, историја, обичаи и слично, односно со нејзината негаторска политика, мора да разбере дека предизвикува само негативни чувства кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на Македонците.
– Време е Бугарија како членка на Европската Унија да се врати на позитивната политика од периодот на втората половина на 40-тите години на 20 век, кога постоеше зближување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, поради позитивната политика на бугарскиот водач Георги Димитров кон македонскиот народ и неговите особености – рече Сотир Костов. Д.Ст.
Позитивната политика кон македонското национално прашање е особено видлива од пописот од декември 1946 година во Пиринска Македонија, кога на Македонците слободно им се дозволува да се изјаснат за својата национална припадност и јазик. Оттука во текот на пописот, од вкупно 252.908 жители на Пиринска Македонија, 160.541 лице се изјасниле како етнички Македонци, а 9.000 лица како Македонци во другиот дел на бугарската држава. Дополнително, позитивната политика е очигледна и од повеќе официјални бугарски документи. Тука треба да се спомене и записникот од одлуката на Политбирото на БКП од 15 март 1947 година, каде што се вели: „Дека може да се говори само за македонско национално малцинство“, односно за оние што по „национално сознание се чувствуваат како дел од македонската националност“