Израелската армија се повеќе е подготвена решително да ја прошири својата борба против шиитската милиција Хезболах во Либан.
– Одобривме различни планови за иднината и мораме да бидеме подготвени за офанзива доколку е потребно – рече началникот на Генералштабот, Херзи Халеви, за време на посета на воениот штаб во северниот израелски град Сафед.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) „и во нив Северната команда се на многу високо ниво на подготвеност“, додаде тој.
Израелската армија е ангажирана во постојани борби со единиците на Хезболах во јужен Либан, откако исламистички Хамас со седиште во Газа ја нападна граничната област во јужен Израел на 7 октомври.
Хезболах вчера испука ракети врз израелскиот пограничен град Кирјат Шмона, а израелската полиција соопшти дека се оштетени неколку згради. Нема повредени во нападот.