Сон за европски (дез)интеграции

Зошто консолидираните демократии на ЕУ би требало да седнат на егалитарна основа на иста политичка маса со констелација политичари чии агенди се застарени, антидемократски, незрели и придружени со насилна реторика

„Ние, лидерите на Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји“ – вака почнува бриселската декларација објавена минатата недела – од која заклучуваме дека сме за проширување кон Западен Балкан, но не сме. Кралското „ние“ со кое европските лидери ја започнуваат декларацијата неодоливо потсетува на иритирачката форма со која владетелите комуницираа со своите подредени: Ние, Франц Јозеф – вака почнуваше царот на Австрија и крал на Унгарија и на другите територии официјални писма пред нешто повеќе од сто години. Јадицата за проширување на ЕУ на териториите на Западен Балкан беше фрлена пред 20 години, кога самитот во Солун за Западен Балкан потврди недвосмислена и јасна поддршка за европската перспектива на тие земји. Но се чини дека во меѓувреме – и дваесет години се доволно долга временска рамка за да се каже дека нешто очигледно е заглавено со проширувањето, тој основен инструмент на надворешната политика на ЕУ. Земјите од Западен Балкан, да го парафразирам Толстој, сите се несреќни на свој политички начин. Не беше доволно Македонија да го смени името на државата со додавање на ознаката „Северна“ за да се забрзаат процесите. Црна Гора ги отвори преговорите, но политичките пресврти и придружната нестабилност во последните години направија самиот процес да стагнира. Србија не успева да ги регулира односите со Косово и покрај – како што звучи само технички и помпезно – дијалогот на високо ниво олеснет од ЕУ, а проблемот е и геополитичка и стратегиската усогласеност, која е далеку од синхронизирана со практиките на ЕУ.
Босна и Херцеговина претставува посебен предизвик, пред сè поради државната архитектура, која е сè само не компатибилна со вообичаените европски постулати. Политичката несреќа што ја спомнавме главно е сведена на она што експертите го нарекуваат демократска регресија или ерозија: контекст во кој владеењето на правото е намалено, медиумските слободи и другите јавни слободи се намалени, институциите се ослабени и параинституциите се зајакнуваат, со речиси вечна закана од конфликт од еден или друг вид.

Тоа се феномени на кои се изложени пред сѐ граѓаните на тие земји и на кои, логично, нивните матични земји треба да обрнат целосно внимание, па сосема е логично зошто споменатите социјални проблеми никогаш не можат да бидат главен приоритет на гломазниот ЕУ блок на држави, создаден од 27 членки.
Но, во исто време, развојната помош што ЕУ ја насочува кон Западен Балкан не е занемарлива првенствено како здив на нови материјални и други ресурси, идеи, креативност и примери како да се иновира, барем малку, општествената и регионална архитектура. ЕУ ни помага да го укинеме роамингот во регионот – ние самите не можевме да го замислиме тоа; финансираат инфраструктурни проекти, кои, доколку беа домашни актери, ќе останеа во сферата на мисловните именки; ги олеснуваат средбите на високо ниво меѓу соседните земји како да им требаат повеќе од нас; инвестираат во високото образование, давајќи барем предвкус на архитектурата на европските проекти; либерализација на визниот режим. Секој тип на соработка е повеќе од пожелен – иако можеби најмногу од сè сведочи за нашите сопствени политички и социјални дефицити – но издигањето на оваа стратегиска соработка на политичко ниво изгледа невозможно. Па, каде се заглави?
Самата ЕУ се обидуваше да најде нови начини за проширување не само кон Западен Балкан туку и кон европската периферија. Европската политика за соседство, која се спроведува од 2004 година, беше насочена кон 16 источни и јужни соседи, главно неевропски земји, вклучувајќи ги Грузија, Молдавија и Украина – со кои неодамна беа отворени преговорите и добија статус кандидат – и други земји со кои треба да се негуваат добри технички и кооперативни односи, да се соработува во заедничките безбедносни прашања, по малку и да се демократизираат овие општества, но да се држат подалеку од заедничкото политичко одлучување. Романо Проди, тогашниот претседател на Европската комисија, кого неговите италијански сонародници го нарекуваа Мортадела, зборуваше за создавање „круг на пријателство“ и им вети на тие земји „сѐ освен институции“, т.е. можности за рамноправно учество во институциите на ЕУ. Геополитиката го забрза процесот на експанзија кон периферните делови на Европа, додека оној кон балканскиот политички простор остана во некаква неизвесност, вечно чекајќи згоден и погоден момент за проширување.

Иако се предвидуваше дека областа на Западен Балкан релативно брзо ќе ѝ се приклучи на ЕУ по самитот во Солун во 2003 година, се чини дека политиката на проширување наменета за споменатиот регион е статус на вечна периферија со која е можно да се негуваат само добри, но патерналистички технички односи, кои, знаеме, сè уште се од многу понизок ред од сеопфатните политички односи.
Но, ако ја фрлиме топката на домашен терен, тогаш навистина изгледа сосема логично да се запрашаме зошто консолидираните демократии на ЕУ би седнале на егалитарна основа на иста политичка маса со галаксијата политичари чии агенди се застарени, антидемократски, незрели и придружени со насилна реторика украсена со минимална подготвеност за компромиси. И кои се апсолутно убедени во легитимноста и оправданоста на сопствените политички цели. Едвај можеме да најдеме релевантна причина зошто 27-те членки на ЕУ би постигнале консензус да им дозволат на земјите чии политичари намерно го отфрлаат, минимизираат или поткопуваат сето она против што овој европски мастодонт успешно се бори со години, да дојдат на иста маса. Можеби единствената релевантна причина може да се најде кај граѓаните на сите оние земји што заслужуваат попросперитетен и политички помирен живот, но, реално, тие ја наоѓаат, со или без здружување, во оваа или онаа европска земја, покажувајќи дека сме реално и човечки дел европска заедница, но не и политички.

Павле Мијовиќ