Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал денеска одржа состанок на кој се разгледуваше можноста за зајакнување на рестриктивните мерки во однос на листата на санкции на Соединетите Американски Држави.
Како што соопшти владината прес-служба, Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е на иницијатива на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и хибридните закани, да можат да се применат и во земјава и опфатените субјекти да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.
-Присутните се согласија околу потребата да се изготви ефективно решение со кое ќе се прошири опсегот на листата на санкции и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во нашето законодавство – се наведува во соопштението.
Од Владата посочуваат дека поддршката на САД како докажан сојузник на Македонија е од огромно значење, како и напорите на американската влада за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот.
-Координативното тело заклучи дека по консолидацијата на забелешките и предлозите од членовите кои се дискутираа на денешната седница, предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки да се достави до Владата и да биде разгледан и усвоен на некоја од наредните седници – се посочува во соопштението.
На денешниот состанок, со кој претседаваше вицепремиерката Грковска, учествуваа вицепремиерот за европски прашања, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии, директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и правда.