Лена Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност

НУ „Национална галерија на Република Северна Македонија“ ја отвори јубилејната изложбата „110 години од раѓањето“ на уметницата Лена Стефанова. Кураторки на изложбата се Татјана Бундалевска и Елена Иванова, а ќе биде поставена до февруари 2024.
Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележило својата епоха. Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека малиот број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но станува збор за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво.
Во историјата на современата македонска ликовна уметност Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници што чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.
Лена Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност. Се школувала во престижното француско училиште (Ecole Franco-Serbe) во Скопје, кое го завршила во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924-1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства. Во тоа училиште Лена црташе, сликаше, изработуваше акварели и му се предаде на учењето на занаетот. Овој период остава траен белег врз нејзината определба за сликарството. Членка на Друштво на ликовните уметници на Македонија станала од неговото формирање во 1945 година и учествувала на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност: Личеновски, Мартиновски, Владимирски, Коџоман, Белогаски и други. Во периодот од 1945 до 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнерка во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустраторка во весникот „Нова Македонија“ и како слободна уметница.

Мртва природа (кошничка со овошје), 1955 година, акварел

– Таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака – слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично.
Исполнета со чувство за новото време и свесна за новите состојби и синтези во уметноста, ја развиваше и продлабочуваше потребата да ја експлоатира традицијата, да го резимира она што го учела и да го изостри критериумот за избор. Компонентата што ја урамнотежуваше, посредно коегзистенцијата на сезанизмот и естетскиот рационализам, стана еден вид подготовка за ликовната естетика што го обележи карактерот на нејзиното творештво – информираат од Националната галерија.
Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без подеми и падови, без резигнираност, без драстично видливи одрази и белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Достоинствено ги носеше своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посвети на разубавениот свет на сликата, зад кој, во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите, постојано тлееја некоја носталгија и достоинствена тага, некоја коприна, под која тивко се слушаше елегичната мелодија на нејзината животна приказна.
Нејзиниот уметнички придонес е огромен, иако животната судбина ѝ била особено тешка, така што нејзиниот живот бил постојана борба и барање на суштината на животот, љубовта, природата, пејзажот, акварелот итн.
Лена Стефанова твори до крајот на својот живот, во подоцнежните години тоа го постигнува седејќи до прозорецот и сликајќи дотаму до каде што достигнува нејзиниот поглед. С.Ј.