Според резултатите од анализата и заклучоците од неа, „недостига сериозно вложување во дигитализацијата, а тоа ги прави фирмите помалку конкурентни и ја намалува продуктивноста на вработените“! Подготвеноста за дигитално усвојување кај претпријатијата, особено микро и малите претпријатија, заостанува, и покрај напредокот на Македонија во пробивот на интернетот
Некои интересни аспекти на анализата „Овозможувачка средина за дигитална трансформација на микро, малите и средните претпријатија во С. Македонија“
За да бидат конкурентни македонските компании на европските пазари, сите работни процеси мора да преминат на дигитална платформа, без разлика дали станува збор за проекти, производи, маркетинг или продажба. Дигитализацијата го менува начинот на кој се развиваат компаниите и ја зголемува продуктивноста, а со тоа ја унапредува нивната конкурентност на глобалниот пазар и претставува основна алатка за пораст и развој, како за самата компанија, така и за економијата во целина.
Македонија напредува на полето на интернетот, но заостанува со
дигитализацијата кај претпријатијата
Дигитализацијата во Европа постојано се развива, движејќи ги компаниите од сите големини низ трансформативно патување. За време на пандемијата, владите и јавниот сектор формираа цели дигитални градови и региони во Европа. Со други зборови: дигитализацијата направи огромен скок во многу мал временски период, особено во областите како далечинското работење, е-трговија, автоматизација и паметни градови.
Подготвеноста за дигитално усвојување кај претпријатијата, особено микро и малите претпријатија, заостанува и покрај напредокот на Македонија во продорот на интернетот, покажува анализата „Овозможувачка средина за дигитална трансформација на ММСП во С. Македонија“ на Бизнис-конфедерацијата на Македонија. Нивниот заклучок добиен од резултатите од анализата е дека недостига сериозно вложување во дигитализацијата, а тоа ги прави фирмите помалку конкурентни и ја намалува продуктивноста на вработените.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков, вели дека за ниската продуктивност повеќе се виновни компаниите, односно менаџерите, отколку работниците. Ниското ниво на брзината на водењето бизнис, како што објаснува Бошков, произлегува од главата на компаниите, односно од сопственичкиот потенцијал.
Податоците од анализите покажале дека над 40 отсто од оние што учествувале во истражувањето велат дека би можеле значително да ги подобрат своите перформанси ако вложат во дигитални алатки, процеси и решенија. Истовремено, 60 отсто изјавиле дека тоа сериозно влијае врз пазарот на трудот, односно во борбата против неформалната економија.
– Во време на трансформација на нашата економија, на многу ниско ниво било знаењето за придобивките на пазарната трансформација. И денес имаме ниско ниво на образование за дигитализација во претприемаштвото. Затоа се потребни обуки, но и мерки за поттикнување на дигитализацијата, како и компаративни анализи што ќе покажат како оние што вовеле каква било дигитализација или електронска технологија оствариле поголем профит и задоволство – нагласува Бошков.
Дигитализацијата ја зголемува можноста за пораст на приходите во компаниите и со неа се овозможува конкурентска предност
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков, додава дека дигиталната трансформација е неопходност во денешните бизнис-процеси. Таа ја опфаќа употребата на дигитални технологии за подобрување на деловните процеси, подобрување на искуството на клиентите и поттикнување на иновациите.
– Сепак, многу микро и мали претпријатија се соочуваат со различни бариери при усвојувањето и ефективното спроведување на дигиталните решенија и анализата го покажува токму тоа. Ги идентификува и лоцира предизвиците со кои се соочуваат микро и малите претпријатија, како и клучните фактори што ја попречуваат нивната инклузивна дигитална трансформација. Врз основа на тоа нуди и драгоцени сознанија како да се надминат тие предизвици и микро, малите и средните претпријатија да ги применат овие технологии. Во соработка со надлежните институции, на овој начин заеднички ќе ги креираме политиките за олеснување и помагање на дигиталната трансформација – истакна Бошков.
Тој укажува дека, според анализата, иновациската активност во Македонија останува ниска. Од вкупните расходи на земјата за истражување и иновации, стагнираа на 0,4 отсто од БДП во последните години, Бошков додава дека особено загрижува трошењето на приватниот сектор за иновации, кое изнесува само 0,4 отсто од БДП во 2022 година, што е далеку под реперот на ЕУ од 1,5 отсто.
– Деловното расположение за изгледите за дигитализација е посочено како релативно позитивно, односно триесет отсто од анкетираните ММП ја гледаат дигитализацијата како клучен двигател на идниот раст, 41 отсто сметаат дека влијанието ќе биде значајно, но не и централно, а 15 отсто веруваат дека деловното влијание на дигитализацијата ќе биде ограничено, додека 10 отсто од испитаниците изразиле загриженост дека тоа ќе донесе значителни ризици и предизвици, најчесто наведувајќи го ризикот од раселување на вработените и неможноста да се остане конкурентен – посочува Бошков.
Од Сојузот на стопански комори на С. Македонија сметаат дека дигитализацијата ја зголемува можноста за пораст на приходите во компаниите и дека со неа се овозможува конкурентска предност.
– Kористeњето дигитални технологии за промена на деловен модел обезбедува нови приходи и можности за создавање додадена вредност во деловните процеси. Дигитализацијата носи конкурентска предност и овозможува работните процеси да се извршуваат подобро, побрзо и со помали трошоци. Затоа сметаме дека е потребно да се обезбеди подобра поддршка на процесите на дигитализација, особено на микро и на малите претпријатија, како и да се развијат соодветни модели за воведување дигитални процеси – укажуваат од СКСМ.
Оттаму додаваат дека дигитализацијата на компаниите, институциите, поточно општеството во целина значи зголемување на БДП и нови вработувања. Дигитализацијата несомнено влијае на сите сфери на општеството и од комората нагласуваат дека самиот процес на дигитализација ќе влијае да згаснат одредени работни места, а од друга страна, пак, и да се отворат нови подобро платени.
– Во таа насока, новите трендови диктираат и потреба за образовен кадар што поседува модерни знаења и вештини. Отворањето дигитални работни места, кои пред сѐ ги задржуваат и се привлечни за младите високообразовани кадри, има влијание и на севкупниот економски развој на земјата, генерира поголема додадена вредност, потрошувачка и извоз, како и поттикнување на иновациите – истакнаа од СКСМ.