ФУДБАЛ
Мексико, Јамајка, САД и Панама се пласираа на Копа Америка
Репрезентациите на Мексико, Јамајка, САД и на Панама се пласираа на Копа Америка, фудбалското првенство на Јужна Америка за 2024 година, откако влегоа во полуфиналето на Лигата на нациите на Северна Америка. В година Копа Америка ќе се игра во САД, само вторпат надвор од Јужна Америка, а покрај 10-те селекции од Јужна Америка (Аргентина, Боливија, Бразил, Чиле, Колумбија, Еквадор, Парагвај, Перу, Уругвај и Венецуела) на шампионатот ќе настапат и шест репрезентации од Северна Америка. Преостанатите две ќе бидат победниците на плејоф-дуелите Тринидад и Тобаго – Канада и Костарика – Хондурас.
Копа Америка се играше во САД и во 2016 година, кога беа одбележани 100 години од првото првенство на Јужна Америка. Првиот меч на Копа Америка в година треба да се игра во Атланта, а финалето е предвидено да се одигра во Мајами, каде што на 7 декември треба да биде влечена ждрепката на групите. Актуелен континентален првак е Аргентина, која славеше на шампионатот во 2021 година, во Бразил. Н.М.
ФУДБАЛ
Речиси сите од лигата А во Лигата на нациите ќе играат на ЕП 2024
Од 16-те репрезентации што играа во лигата А на фудбалската Лига на нациите дури 14 се пласираа на Европското првенство (ЕП) во Германија в година, а уште две ќе играат во плејофот. Место на континенталното првенство обезбедија Шпанија, Хрватска, Италија, Холандија, Данска, Португалија, Белгија, Унгарија, Швајцарија, Германија, Франција, Австрија, Чешка и Англија, а во плејофот ќе играат Полска и Велс.
Од лигата Б пласман на ЕП 2024 обезбедија Србија, Шкотска, Словенија и Албанија, а во баражот ќе настапат Израел, БиХ, Финска, Украина и Исланд. Од лигата Ц на континенталното првенство ќе учествуваат Турција и Словачка, а во доигрувањето ќе играат Грузија, Грција, Казахстан и Луксембург. Од лигата Д ниту една репрезентација не се пласира на ЕП 2024, а Естонија ќе игра во плејофот на лигата А. Н.М.
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Седум селекции ги отстапија своите места во плејофот
За преостанатите три места на фудбалското Европско првенство во 2024 година во Германија ќе играат победниците на трите плејоф-турнири во лигите А, Б и Ц од Лигата на нациите. Учество во плејофот обезбедија победниците на групите во лигите А, Б и Ц, но секоја репрезентација што се пласира на ЕП 2024 низ квалификациите ѝ го отстапи своето место на следната селекција според вкупниот пласман во Лигата на нациите. Така, седум селекции им ги отстапија своите места на други репрезентации во плејофот.
Место во плејофот, но и пласман на ЕП 2024 обезбедија Шпанија, Италија, Холандија и Хрватска од лигата А, потоа Србија и Шкотска од лигата Б, како и Турција од лигата Ц. На нивно место, во плејофот на лигата А се пласираа Полска, Велс и Естонија, во разигрувањето во лигата Б ќе играат Израел и БиХ, а во баражот на лигата Ц ќе игра Луксембург, покрај од порано сигурните учесници Грузија, Грција и Казахстан. Денеска ќе се влече и ждрепката со која ќе се распределат репрезентациите на Финска, Украина и на Исланд, бидејќи една од нив ќе настапи во плејофот на лигата А, а две во доигрувањето на лигата Б. Н.М.