Станува збор за сублимат од нашиот живот во музичка и поширока смисла. Јас и татко ми Петар бевме пред се многу добри другари, па потоа татко и син, ученик и тутор, и колеги откако го заслужив тој назив релативно млад по неговите проценки. Искрено се уште не мислам за себе дека го имам стигнато неговото ниво на мајсторство во музиката, меѓутоа ќе се обидувам додека сум жив, вели Игор Станоески
Новиот албум на Игор Станоески, во музичките кругови познат и како Иги Мен е насловен „Unforgettable You“ (Незаборавен) и е посветен на неговиот татко Петар Станоески, кој почина на 19 јануари 2021 година. Тој беше долгогодишен новинар во весникот „Вечер“, но и одличен музичар, композитор и гитарист. Перо му беше и првиот учител на Игор, и е главниот виновник што тој сега е исто така одличен музичар и композитор, но и реномиран ликовен уметник со завршена академија.
Стилски албумот е шаренолик, а повеќето нумери се инструментални, а има и неколку во кои пее Игор. Некои песни се дело на Петар, некои на Игор, а има и неколку соработки. Сите аражмани се на Игор, а во реализацијата на албумот-посвета учествуваше и другиот син на Петар, Оливер, кој е видео продуцент и монтажер, инаку дипломиран правник. Една од песните се вика „Ољка“ и му е псоветена токму нему. Инаку Оливер присуствувал на пробите на Игор и на Петар во почетокот на 2000-та година.
– Морам да се пофалам дека токму Оливер ми е најголема поддршка во сферата на видео продукцијата каде монатажата и сите одлуки му ги препуштам на него. Во иднина некои од песните ќе добијат и видео запис за кој ке биде токму тој заслужен – со гордост – вели Игор.
За жал „Unforgettable You“ требаше да го промовираат сите тројца заедно, но непредвиловоста на животот ги смени плановите.
– На некој начин станува збор за сублимат од нашиот живот во музичка и поширока смисла. Јас и татко ми Петар бевме пред се многу добри другари, па потоа татко и син, ученик и тутор и колеги откако го заслужив тој назив релативно млад по неговите проценки. Искрено се уште не мислам за себе дека го имам стигнато неговото ниво на мајсторство во музиката, меѓутоа ќе се обидувам додека сум жив. За жал на албумот нема фрагменти на кои Петар свири, меѓутоа има негови ноти и тонални линии во неговиот стил на свирење и техники кои комуницираат со моите врз база на акција/реакција. Всушност за мене тоа е суштината на овој албум – вели Игор Станоески.
Насловот на албумот произлегува од фрагмент од текстот на песната „Please, take this knife“ чиј автор е Петар.
– Стилски ова музичко парче со многу душа, е спој од скоро сите жанрови на музика кои креативно не испирираа од нашите заеднички музички идоли, и претставува широк опус и спој на музика од повеќе епохи, во гитарска изведба која симулира комуникација на нашата заедничка изведба. Особено се потрудив да ги задржам и неговите тонови и карактер на свирење покрај сопствените, се со цел да го донесам што е можно поавтентично изданието во духот на првобитната замисла. Чекав две години по завршувањето на продукцијата, за да можам да кажам со сигурност дека станува збор за албум каде ниту една нота не е случајна и не би променил нити најмај детаљ во него по оваа временска дистанца – ни откри Игор.
Во однос на песните, најстарата датира од далечните 1970-ти години од минатиот век.
– На албумот нема песна која не е барем 10 години одлежана во авторска тајност. Има уште музички материјал за некое наредно издание во истиот дух, кое ќе биде снимено како продолжение на овој носач на звук.Некои од песните не беа забележани ниту на скромно демо, и ги имав заборавено така што морав да ги вадам од меморија тон по тон од сеќавање, што беше особено болен процес по заминувањето на татко ми. Исто така и текстот на неговата омилена балада „Please take this knife“ мина низ ист процес – вели талентираниот млад музичар, кој ете на овој начин му изрази благодарност на својот почитуван татко.
За целосната реализација на албумот, секако, голема заслуга имаат и музичарите кои заедно со Игор, кој беше задолжен за гитарските делници, но свиреше и на тамбура, го снимија материјалот. Дарко Мучев-Мучо свири бас, на тапани е Бодин Попов, на пијано Симон Киселички, клавијатури Ивица Јанкуловски. Продукцијата е на Игор и на Ивица Јанкуловски, кој беше и зад миксетата, а целиот материјал е снимен во студиото „Алшар“ во Скопје.
– Бескрајно сум благодарен на сите во тимот, кои овозможија и се дадоа целосно во овој проект кој има суштинско значење за мене. Исто толку сум им благодарен и на блиските кои беа секој момент со мене на тој пат. Голема благодарност сакам да упатам и до мојот уметнички сопатник Трајче Павлов, кој го изработи цртежот што е ставен на обвивката.
Сега останува желбата на сите нас музиката на „Unforgettable You“ да заживее и песните да имаат сопствен животен пат и да создадат многу индивидуални приказни.
Всушност тие веќе се созадваат, па ќе споделам една со вас. За време на снимањето, во текот на првите две недели од процесот, бевме болни од корона јас, Бодин и Ивица, но немавме проблем да снимаме и во таква состојба зашто немавме контакт со други луѓе и почетната фаза на снимањето не бараше дополнителни музичари освен гитара тапани и ангажманот на нашиот маестрален тон мајстор и продуцент – вели тој.
Албумот “Unforgettable You” (Незаборавен) е достапен на линкот :