Иако има само девет години, четвртоодделенецот Христијан Станкоски ужива во мелосот на нашите народни песни, но и срцето веќе почна да му чука во ритамот на македонските ора. Тој од април годинава членува во КУД „Моминок“ во Прилеп, но веќе се смета за негов активен член. Христијан настапил на неколку концерти на друштвото, на гостувања во телевизиски емисии, а заиграл и на годишниот концерт, на што е особено горд.
Христијан уште по првата проба се вљубил во ритамот и звукот на македонската народна музика, која денес е негово секојдневие. Бидејќи сака да биде уште поуспешен, дома на музичкиот канал Јутјуб често ги гледа настапите на националниот ансамбл „Танец“, но и на културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ и други ансамбли. Се радува што и самиот наскоро ќе биде дел од нешто толку големо, бидејќи КУД „Моминок“ го очекува настап во Сараево, Босна и Херцеговина.
Инаку, Христијан е ученик во прилепското ОУ „Блаже Конески“, а љубовта кон фолклорот, како што вели, ќе продолжи да ја негува и во иднина.
Ка.М.