Фото: Принтскрин

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска, вели дека многупати досега сме прочитале дека нема напредок во извештајот и не треба да сме изненадени од лошите оцени на меѓународната заедница.

– Прашувам зошто сите се изненадуваме кога меѓународната заедница ќе ни даде лоши оценки дотолку повеќе што ние постојано укажуваме на тоа. Значи, ДКСК дава препораки, невладините укажуваат, сите укажуваме и тогаш сите се глуви. Сега кога ќе дојде меѓународната заедница да ни ги каже вистинските оценки тогаш наеднаш сите се чудиме. Ама власта не ги гледа оценките – изјави Ивановска во емисијата Анализа 24.

Според Ивановска, власта не ги гледа реално оценките какви се и што се.

–   Мене сево ова ми личи на едно мало тврдоглаво дете кое што не сака да послуша ништо што му се кажува. За жал, тоа е зрелоста на нашето општество, ништо повеќе од тоа – вели Ивановска.

Холандскиот амбасадор, посочи Ивановска, неколку пати отворено ни кажува дека ова е се до нашиот менталитет, дека човечкиот потенцијал е таков и дека власта се изразува декларативно во борбата против корупција,

– Значи, ако е се’ до менталитетот и до човечкиот фактор тоа значи дека треба тука да имаме зреење, односно детето да порасне. Значи, без разлика колку и да формираме работни тела, комисии, било што – епилогот ќе биде дали имаме желба, вистинска волја тоа да се заврши или, пак, ќе ја замајуваме јавноста – вели Ивановска.

Ивановска, посочи дека ДКСК во нејзиниот мандат досега има 50 иницијативи за кривично гонење и уште 50 иницијативи за разрешување на директори и раководители.

–  Бар нешто од тоа да се применеше, ќе ја променеше климата во државата – изјави Ивановска.

Уште од 2019 година, нагласи Ивановска, Комисијата излегла со сериозни наоди коишто го поткопуваат ова општество – прашањата со кронизмот, непотизмот, клиентелизмот.

–    Во тоа време беа опфатени повеќе јавни претпријатија, дадовме иницијативи за разрешување на директорите во тие јавни претпријатија – никој не беше разрешен. Единствено си отиде директорот Драган Миневски од ЕСМ, мислам, и мислам дека тој повеќе си замина поради својот личен интегритет отколку што некој побра да си оди – тоа е мое лично мислење, не знам можеби не е така, не е битно. Но, сите управни одбори одговорија дека не гледаат одговорност кај директорите коишто по пат на политичко влијание ги одбрале тие -изјави Ивановска.

Според Ивановска, добро е што ЕК позитивно ја оценува работата на ДКСК, со оглед дека половина мандат го поминале со исти ресурси.