Израелски авиони денеска нападнаа цели во јужниот дел на Либан, како одговор на ракетирањето на северен Израел од страна на Хезболах. Проиранската шиитска организација нападна неколку израелски воени пункт.
Израелската армија соопшти дека мета на нападите била инфраструктурата и складиштата со ракети на Хезболах.
Додека Хезболах соопшти дека извршил напади врз шест израелски пункта долж границата.
Израел бомбардираше уште едно училиште, каде што илјадници раселени Палестинци побараа засолниште. Училиштето на ОН Ал-Фахура е најголемото во северниот дел на Појасот Газа. Најмалку 12 лица загинаа. Синоќа најмалку 20 лица загинаа во бомбардирањето на друго училиште.
Израелските окупаторски сили продолжуваат да ги гаѓаат болниците во Газа. Областа околу болницата Ал Кудс беше бомбардирана неколку часа по нападот на единствената детска болница.
Либанскиот вршител на должноста премиер Наџиб Микати на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, ја истакна важноста од прекин на огнот во Појасот Газа и на запирање на израелската агресија во јужен Либан.
Влијанието на премиерот Микати врз Хезболах, моќна и политички значајна сила во Либан, е ограничено, што му отежнува да ја спречи земјата да биде вовлечена во конфликтот.