Фото: Игор Бансколиев

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во понеделник ќе престојува во официјална посета на земјава. Таа ќе биде пречекана од премиерот Димитар Ковачевски во Владата со највисоки државни почести, соопшти владината прес-служба.

Фон дер Лајен, како што изјави за МИА вицепремиерот Бојан Маричиќ на крајот на работната посета на Брисел, доаѓа во Скопје за да разговара за потребните и неопходните реформи и за дополнителните средства што треба да ги добие земјава како помош од ЕУ и мотивација за реформите, како и за обврски што ни преостануваат, за да се комплетираме оваа фаза на пристапувањето и да се премине во втората, односно отворање на кластерот и со тоа да се најави и крајот на скринингот.

– Секоја посета на високо ниво од овој калибар ја сметаме за добар сигнал за нашиот регион. Да не заборавиме дека минатата недела имаше Самит од Берлинскиот процес во Тирана, каде што исто така беше присутна и претседателката на Европската комисија. Таму најави дека ќе има турнеја низ Западниот Балкан. Таа турнеја почнува токму од кај нас, од Скопје, од Северна Македонија и сметам дека тоа ќе е добар сигнал – нагласи Маричиќ.

Според него, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.

– Тоа е еден план којшто ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји уште пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето во ЕУ – потенцира Маричиќ.

Канцеларијата на Лајен соопшти дека за време на посетата на Скопје, покрај со премиерот Ковачевски, таа ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски.

Претседателката на ЕК од Македонија ја почнува четиридневната турнеја низ Западен Балкан, во чии рамки ќе ги посети и Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.