Техно
Марк Гурман во својот нов билтен за „Паур он“ за „Блумберг“ објави дека компанијата „Мета“ ги променила маркетинг-плановите за своите слушалки „куест“ откако „Епл“ го објави „вижн про“ претходно оваа година. Дел од планот е да се пуштат ВР-очила без контролер за да се намалат трошоците во наредната година.
Гурман вели дека едно лице од „Мета“ му кажало дека компанијата моментално е во фаза „се плашиме од ’Епл‘“, споредувајќи ја ситуацијата со индустријата за мобилни телефони непосредно пред да биде лансиран ајфон. Тој наведува дека промената на фокусот на компанијата од метаверс кон практичната употреба на очилата – игри и продуктивност – е директен одговор на промоцијата на „вижн про“ на „Епл“. Можеби може да се каже дека очилата на „Епл“ се поблиску до реалноста отколку целосните виртуелни светови, иако нивната цена дефинитивно не е.
„Мета“ планира да ги направи своите следни слушалки, со кодно име „вентура“, уште поевтини – „куест 3“ веќе чини помалку од 15 отсто од цената на „вижн про“ – без да се жртвува резолуцијата на екранот. Гурман, исто така, наведува дека „Мета“ размислува да ги отстрани контролорите во комплет, дозволувајќи им на корисниците да користат само гестови со рацете или да ги купуваат контролорите одделно.
Иако „Епл“ и „Мета“ целат на различни пазари, моментално постои ВР-пазар што се сведува на „луѓе што сакаат ВР-слушалки“ – со тоа, пионери во оваа област. „Мета“ се обидува да предвиди како ќе се развива пазарот кога ќе се прошири, а за да ја обезбеди својата позиција, на компанијата ѝ треба друг производ или ризикува „куест“ да застари како класичните мобилни телефони.