Нега и убавина
Кремовите, па дури и оние што не се најскапи, со соодветна нега секако ќе помогнат во одржувањето здрава кожа на лицето, но тие се само една од неколкуте работи за кои треба да се грижите. Заедно со нив, постојат и други фактори што придонесуваат за младешки изглед. Д-р Дев Пател издвои пет лоши навики што ги практикуваме секојдневно, а кои се одговорни за губење на еластичноста на кожата и за создавање брчки.
Топла вода: Иако опуштањето во топла вода изгледа како совршен рецепт за релаксација по напорниот работен ден, тоа не е толку добро за кожата.
– Топлата вода може да резултира со губење на влажноста на кожата. Кога се туширате предолго, прстите обично ви се збрчкаат, а кожата ви станува сува, што е очигледен знак дека на вашето тело му треба длабок хидратантен крем – објасни д-р Пател и истакна дека млаката вода е идеална за туширање.
Триење на очите: Ако сакате да ги избегнете брчките, не тријте ги очите.
– Повлекувањето и влечењето на очите може да предизвикаат предвремено истегнување на кожата и да го зголемат разградувањето на колагенот – вели д-р Пател.
Претерано чистење: Важно е на крајот од денот да ги отстраните шминката, кремот за сончање и целата насобрана нечистотија од лицето. Но, како и со секое претерување, чистењето на лицето исто така може да ја намали ефикасноста на природното производство на маснотии на вашата кожа. Оштетената кожна бариера на овој начин ја остава кожата сува и изложена на предвремено стареење.
Неносење очила за сонце: Очилата за сонце не се само моден детаљ, тие играат клучна улога во заштитата на очите од штетните УВ-зраци на сонцето. Ако не ги носите, со текот на времето може да се појават брчки, старечки дамки и губење на еластичноста на кожата – вели експертот.
Спиење на страна: Веројатно имате омилена положба за спиење што ја заземате веднаш штом ќе легнете во кревет. Сепак, спиењето на страна не е добро за вашата кожа, според овој доктор.
– Притиснувањето на лицето на перницата може да придонесе за опуштена кожа. Бидејќи една третина од животот поминуваме спиејќи, овие набори со текот на времето може да се вкоренат во вашата кожа, предизвикувајќи брчки – објасни тој.
Пател советува да се обидете да научите да спиете на грб ако можете, користејќи свилена или сатенска навлака за перница за да го намалите триењето на кожата.