Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Западот сака да постигне прекин на огнот во Украина за да ги снабди украинските војници со ново оружје, пренесе рускиот медиум „Известија“.
Тој истакна дека руската страна не гледа предуслови за продолжување на преговорите.
– Западот, кога ќе почне да шири вакви провокативни гласини, очигледно ја тестира нашата подготвеност да се согласиме со нивните услови. А тие всушност не ги кријат условите: направете пауза од неколку месеци, нема други договори привремен прекин на огнот и за тоа време „ќе ја напумпаме“ Украина со ново оружје покрај веќе испорачаното, кое нашите вооружени сили систематски го уништуваат – рече Лавров.
Војната во Украина влезе во 581 ден, а нападите со беспилотни летала продолжуваат на двете страни.
Локалните власти на Крим синоќа соопштија дека е прогласена воздушна закана во Севастопол, а портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека нападот врз тој град бил извршен во тесна координација со американски и британски експерти.
Украинската влада назначи тројца нови заменици министри за одбрана, откако шест од нив беа сменети по назначувањето на нов министер.