Јавните препукувања меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и поранешниот претседател на партијата и екс премиер Никола Груевски продолжуваат и денеска.
Христијан Мицкоски, денеска по теренски активности во Новаци, порача дека партијата никогаш не била покохезивна и изразувајќи згрозеност остро ги осуди наводите за „оската Ахмети-СДСМ-Груевски за обезбедување на пратеници“. Груевски преку Фејсбук, одговори со контра напад, порачувајќи дека е цел на жестоки напади „во време кога Мицкоски и Заев повеќе од половина година не ги негираа објавите на медиумите за нивна блиска соработка и заеднички планови“.
Мицкоски денеска порача дека ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот и својот легитимитет го црпи од народот. Тој истакна дека партијата ја води раководството заедно со структурите во партијата, членовите и активистите.
– После ова што се случува, можам да признаам дури дека и ги надмина моите очекувања колкав е бројот на наши сограѓани кои му пристапуваат на ВМРО-ДПМНЕ насекаде во Македонија овие изминати два дена. Ако до скоро бев во дилема дали сме блиску до 61 пратеник, сега веќе немам таква дилема – рече Мицкоски изразувајќи убедување дека на следните избори ќе добијат 61 пратеник.
За јавните преписки со поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тоа што имал да каже го кажал јасно и гласно. Во врска со тоа дека Груевски лобира да се обезбедат пратеници за уставните измени, Мицкоски вели дека тоа е друга тема и оти тој може да зборува за себе.
– Можам да зборувам за себе, за ставот на ВМРО-ДПМНЕ, а мојот став и на ВМРО-ДПМНЕ, го знаете. Ако ме прашувате за ова што во јавноста провејува дека постои оска меѓу Али Ахмети-делови од структурата на СДСМ и Никола Груевски за обезбедување на пратеници, апсолутно го осудувам, го отфрлам и сум згрозен од сето тоа – потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На ова, Груевски преку Фејсбук, одговори со контра напад, порачувајќи дека е цел на жестоки напади „во време кога Мицкоски и Заев повеќе од половина година не ги негираа објавите на медиумите за нивна блиска соработка и заеднички планови“.
– Деновиве Христијан Мицкоски и раководството на партијата сурово, жестоко и неочекувано за мене ме нападнаа и обвинија, а од денес е јасно дека водат однапред подготвена кампања против мене, дека наводно сум подготвувал соработка со власта на штета на партијата и нацијата… Со оглед дека нивните напади не се вистина, заради што не можат да ги поткрепат ниту со најмал доказ, зборуваат дека некои други луѓе нешто зборувале и планирале, се договарале, се фалеле или слично, но никаде ме нема мене, па така останува дека тие, пред се водени од Мицкоски кој се обидува да ги инволвира сите други, свесно, со намера, подолго подготвувано, со план и стратегија, маркетинг кампања и однапред програмирани чекори започнаа не само напад, туку и валкана кампања против мене, токму со цел да ме направат нивни противник и да ни направат штета – напиша Груевски на Фејсбук.
На членовите на партијата, активистите и сите во раководството, Груевски им порачува „да размислуваат со своја глава“ и дека има „многу начини да ја изразите лојаноста кон партијата без да станете дел од нечесни игри“.
– На членовите на партијата, активистите и сите во раководството им порачувам да не наседнуваат на вакви погубни стратегии, да размислуваат со своја глава, да бараат цврсти докази кога ги тераат некого да осудат на невидено, за да не се еден ден во ситиација да се извинуваат и да се правдаат, дека биле прелажани, дека слепо некому верувале, дека сега им е криво, не ги знаеле добро работите или слично, напиша Груевски.
Фејсбук препукувањата меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ почнаа откако Мицкоски во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” истакна дека Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата и оти „за да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови“.
СДСМ, пак, на став дека ВМРО-ДПМНЕ се соочува со големи внатрепартиски проблеми и дека СДСМ нема намера да се меша во внатрешните пресметки на партијата. Владејачката партија потенцира и дека нема да има амнестија за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и оти тој ќе ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска изјави дека очигледно големи се внатрепартиските проблеми во белата палата и анти ЕУ кампусот.
-Јавноста е сведок дека повторно внатрешниот раздор, кавги и поделби во ДПМНЕ кои кулминираат овие денови Мицкоски се обидува да ги натовари на СДСМ. Обидите за создавање конфузија во јавноста и очајната потреба да ја вмеша и СДСМ во внатрешните поделби и кавги во ДПМНЕ нема да му помогнат на Мицкоски, изјави Кузеска
Таа со порака, како што рече, „очајниот Мицкоски воопшто да не ја меша СДСМ во меѓусебната пресметка и сам да си ги решава кавгите“.
– Впрочем јавноста се уште чека одговори од Мицкоски за диловите со Груевски. Дали со тоа ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него внатре во неговата партија? Мицкоски е бледа копија на Груевски. Политиката на блокада на Мицкоски е исто така само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него – изјави Кузеска на денешната прес-конференција.
Демократската унија за интеграција, пак, порачува дека будно ја следи големата загриженост во редовите на ВМРО- ДПМНЕ и длабоките поделби што се појавуваат во битката меѓу интеграција и изолација.
– Оваа внатрешна битка меѓу силите во ВМРО кои се залагаат за интеграција на земјата во Европската Унија и оние кои претпочитаат изолација се одвива на грб на државата и нејзините граѓани, но и преку злоупотреба на институциите, процесите во земјата, како и политичките партии и партиските лидери – порача ДУИ преку соопштение.
Од партијата посочуваат дека партискиот лидер Али Ахмети во последното интервју говорел за преговарачкиот процес во Пржино и средбите со Заев и Груевски на тема надминување на состојбите преку процесот на вистината и помирувањето.
ДУИ нагласува дека измените во Кривичниот законик првично биле побарани од страна на ВМРО-ДПМЕ пред уставните измени за Договорот од Преспа.
– Потоа, Кривичниот законик беше барање и на новиот претседател на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерските и билатералните средби, но по неговото оддалечување од поранешното раководство на ВМРО- ДПМНЕ и покрај согласувањето на СДСМ, тој се повлече од ова барање. Ниту државата, ниту граѓаните, ниту медиумите, ниту Американците и Европејците, ниту СДСМ и ДУИ не се непријатели на ВМРО- ДПМНЕ, туку сите прогресивни сили во државата се залагаат ВМРО да се откаже од својата изолационистичка политика и да станe дел од европска Македонија – сметаат од ДУИ.
Ахмети во последното интервју за „360 степени“ изјави дека измените на Кривичниот законик немале никаква врска со Груевски, туку биле поврзани со хармонизирање со европското законодавство.
– Албанците не со сакаат Груевски затоа што се создаде таква медиумска атмосфера во минатото. Мислам дека ако еден човек се напаѓа медиумски секој ден така се создава перцепција, но Никола Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер на Албанците, да не бидеме егоисти, за бидеме рационални, затоа што како прво сме луѓе. Тој беше премиер на оваа држава и сега не треба да шириме омраза – рече Ахмети, кој додаде дека таа омраза се развила затоа што тогаш тоа СДСМ тоа го ширеле преку медиумите.
Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието изјави дека власта на чело со Ковачевски и Ахмети преговарала амнестија за Груевски со цел тој да влијае на поделбите во ВМРО-ДПМНЕ и евентуално да им помогне да се изгласаат уставните измени.
За измените на Кривичниот, според Милошоски се разговарало уште пред осум месеци, кога била воспоставена комуникацијата со Будимпешта и во преговорите, како што тврди тој, биле вклучени високи претставници на СДСМ и еден министер од редовите на ДУИ.
– Имаме сериозни индиции и документација за преговорите кои претставниците на СДСМ и ДУИ ги имале со поранешниот премиер во Будимпешта и писмена документација тука во Македонија – изјави вчера Милошоски.