Британскиот министер за Брегзит Доминик Рааб, поднесе оставка, истакнувајќи дека „не може со чиста совест да го поддржи“ нацрт-договорот за Брегзит со ЕУ.
Тереза Меј, по петчасовен состанок, синоќа соопшти дека обезбедила поддршка од нејзиниот кабинет за договорот.
Но, британските медиуми јавија дека неколку министри биле против документот.
Исто така се појавија и шпекулации дека меѓу конзервативците се зборува за покренување гласање за недоверба на Меј.
Рааб, кој е поддржувач на Брегзит, во Кабинетот го замени Дејвид Дејвис кога тој се повлече во знак на протест против плановите на Меј за Брегзит, и сега е во групата високи министри за кои се сметаше дека не се задоволни од договорот.
Тој беше тесно вклучен во изготвувањето на договорот, кој ги поставува условите за излезот на Британија од ЕУ.
Во писмото со оставката, Рааб истакнува дека не може да го поддржи бидејќи регулаторниот режим предложен за Северна Ирска „претставува многу реална закана за интегритетот на Обединетото Кралство“.
Според него, исто така, договорените аранжмани со цел спречување на враќање на цврста ирска граница, ќе резултира со тоа што ЕУ „ќе држи вето над нашата способност за излез“.
– Пред сè, не можам да ги споредам условите во предложениот договор со ветувањата што ги дадовме на земјата во нашиот проглас на последните избори – подвлече Рааб.
Политичките аналитичари на Би-Би-Си коментираат дека заминувањето на Рааб врши притисок врз другите членови на Кабинетот да се повлечат, со што се зголемува можноста за „домино ефект“ кој би можел да заврши и со распаѓање на Владата.